Дојави за бомби во неколку скопски училишта

Неколку скопски училишта утрината се евакуирани поради дојави за бомби.
Според првичните информации, евакуација имало во основното училиште „Петар Здравковски“ во Бутел. Исто така, децата биле евакуирани од ОУ „Киро Глигоров“, од каде неофицијално учениците биле вратени дома. Дојава, имало и во средното училиште „Јосип Броз Тито“ и во „Раде Јовчевски-Корчагин“.
Дојави имало и во шест училишта во општината Аеродром.
„Утрово во шест школи имаше дојави за бомби. Учениците се веднаш евакуирани, изнесени од школите. Тимови на МВР прават проверки. Веднаш штом ќе завршат проверките и добиеме потврда дека училиштата се безбедни ќе продолжи наставно-образовниот процес“, изјави градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески за порталот СДК.
Како што пренесува МИА, во некои училишта, по извршените проверки од страна на МВР, наставата е продолжена.