
Во последните часови од преодниот рок во Македонија најактивни се екипите кои претходно не купуваа. Така Воска и Брера доведоа неколку нови имиња во последен момент. Ланскиот финалист на Купот, охридска Воска Спорт се засили со искусен дефанзивец. Христијан Драгарски е нов член на прволигашот од Охрид. Минатата сезона 32-годишникот ја мина во редовите на Беса 1976, клуб со кој беше шампион на Втората македонска фудбалска лига. Битолчанецот тргна од Пелистер, од каде се пресели во романска Конкордија. Следеше авантура во српски Радник, а потоа и враќање во мак-фудбалот. Во земјава Драгарски играше за Царев Двор, Пелистер, Победа, Струга и Беса, додека имаше авантура и во албанска Теута.
Босанскиот стопер Драган Билбија е ново име во тимот на АП Брера за пролетниот предизвик во Првата лига во земјава. 22 годишниот Билбија веќе се приклучи на тимот од Струмица. Билбија има играно во Радички Срем но и во родниот Приједор за тамошниот клуб Рудар а беше дел и од младинската репрезентација на Босна и Херцеговина до 19 години. Претходно Брера се засили со Михаил Милевски, Хаџи Драме, Христијан Јанкулоски, а ги врати и Филип Михаилов и Зоран Ивановски.