ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Државата сака да ѝ земе имот на ТВ Алсат: Кадија те тужи – кадија те суди

Државата сака да ѝ земе имот на ТВ Алсат: Кадија те тужи – кадија те суди

Имотот што ВЕВЕ ГРУП, односно ТВ Алсат, го купиле како чист пред 16 години, со потврда за тоа од државата, сега треба да биде понуден на јавна продажба, бидејќи државата нашла заборавена хипотека

По ваквата одлука на Апелација, од компанијата ВЕВЕ ГРУП излегоа со став во кој јавно прашуваат – која е правната сигурност да се инвестира во земјата кога државата, преку нејзините органи, со давање неточни податоци, ги доведува во заблуда инвеститорите.

Замислете – купувате стан во Скопје. Добивате чист имотен лист од Катастарот дека имотот нема товари и хипотеки, а потоа и потврда дека станот е ваш. Но, по неколку години, на врата ви тропа извршител.

Вели дека станот не е ваш, бидејќи бил ставен под хипотека пред да го купите. Тоа што ја немало хипотеката во имотниот лист кога сте го купиле, никого не го интересира. Па сега, поради грешка на една државна институција, друга институција на државата ве тера или да се иселите или да си го купите станот уште еднаш.

Ова не е заплет од драмско сценарио – туку вистинит случај, во Македонија.

Во центарот на Скопје, во трговскиот центар Мавровка, на деветтиот кат, работи дел од персоналот на националната телевизија Алсат. Близу 300 метри квадратни е просторот во кој функционираат информативната редакција, монтажите, студиото и режијата за вести. Така е веќе 16 години поради навидум апсурден проблем, прашање е дали ќе остане така.

Просториите се купени во 2006 година и формален сопственик е ВЕВЕ ГРУП од Скопје, инаку мнозински сопственик на ТВ Алсат. Продавач, тогаш, била Интернационална приватна банка, која подоцна ќе се прекрсти во Капитал Банка.

 

ВЕВЕ ГРУП првично во 2009 година, а и уште неколкупати подоцна, бара и добива документ од Катастарот дека имотот не е оптоварен со хипотеки. Во тие документи, Агенцијата потврдува дека од извршениот увид во интабулационите книги, од 1990 до 2009, односно до 2011 година, врз недвижниот имот нема заведено хипотека.

 

Таква потврда издал и Судот при претходните купопродажби на имотот, кога купувачите, исто така, добиле уверување од државна институција дека имотот е чист.

Но, на крајот на 2012 година Катастарот запишува товар во конкретниот имотен лист – дека 9-тиот кат во Мавровка е под хипотека и тоа уште од 1993 година. ВеВе ја открива хипотеката случајно, вадејќи имотен лист кој им бил потребен за кредит.

 

Оригиналниот должник, кој го ставил имотот под хипотека, долги години бил во стечај и се воделе судски постапки, а доверител, во меѓувреме, станала државата односно Министерството за финансии. Па, во 2016 година извршител прави прв обид да го продаде катот на кој се наоѓа ТВ Алсат за да ја обесштети државата, независно што кога бил купен имотот, газдите на Телевизијата добиле документ од државна институција дека имотот е чист, без хипотеки.  

На приговорот на Алсат против заклучокот за јавна продажба, извршителот одговара:

Третото лице, кое е сега сопственик на имотот, не е должник во оваа постапка, но е должен да ја трпи штетата од постапката од причина што е сопственик на имот, кој е заложен во туѓа корист, навел извршителот пред Основниот граѓански суд.

ВЕВЕ ГРУП тогаш го добил спорот пред Основниот суд, но само поради оценката дека имало неправилности во постапувањето на извршителот, па извршувањето било прекинато. Но, годинава извршител повторно се обидува да го продаде имотот, на што сопствениците на телевизијата се жалат до судот.

 

Во прв степен, ВЕВЕ ГРУП го добива спорот, повторно поради констатирани неправилности во претходните постапки. Судот, меѓу другото, го потенцира и фактот дека кога имотот бил купен немало хипотека.

„Во конкретниот случај, пред да се спроведе извршување, потребно е да се утврди дали ВЕВЕ ГРОУП, кој стекнал сопственост на недвижност за која во јавната книга не било запишано заложно право, е должен да трпи со продажба на недвижноста која е негова сопственост да се намири доверителот чие заложно право е запишано после уписот на правото на сопственост. Ова од причина што во спротивно се доведува во прашање правната сигурност, уставно гарантираното право на сопственост кое е неприкосновено и ужива заштита и со Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи“, пишува, меѓу другото, во списите на судот.

На ваквата пресуда се жали Државниот правобранител, како адвокат на државата и го добива спорот пред повисокиот, Апелацискиот суд во Скопје. На 14 април годинава се враќа одлуката за усна јавна продажба на имотот.

Во второстепената пресуда се потенцира и важноста во вербата во јавните книги, но во контекст дека имало хипотека од 1993.

„Извршителот имал верба во јавните книги кога во наведениот имотен лист има прибелешка на хипотека на 25.7.2013 година … па и судот требало да има верба во јавните книги“, навел Апелациониот суд во Скопје.

Но, зошто истиот принцип на верба во јавните книги не важи и за ВЕВЕ ГРУП? Препораката на Апелација е ВеВе да си тужи во друга постапка.

„Доколку сегашниот сопственик на имотот смета, може да бара во друга постапка евентуална надомест на штета поради фактот ако при купување на предметниот имот немал сознание дека овој имот е оптоварен со хипотека“, се наведува во образложението на Апелациониот суд во Скопје.

По ваквата одлука на Апелација – од компанијата ВЕВЕ ГРУП излегоа со став во кој јавно прашуваат – која е правната сигурност да се инвестира во земјата кога државата, преку нејзините органи, со давање неточни податоци, ги доведува во заблуда инвеститорите.

Една опција спорот да се заврши поинаку е ако државата се откаже од побарувањето за кое купувачот не знаел. Така би се компензирало и извесното барање отштета од купувачот, меѓу другото, и од државата која му го дала неточниот податок – дека нема хипотека на имотот.

Министерството за финансии, сепак, не се откажа од побарувањето, па таа опција повеќе не е во игра. Министерот во овој ресор, кој доаѓа од редовите на ДУИ, Фатмир Бесими, не сакаше да коментира во детали.

 

„Тоа се правни прашања и во моментов не можам да дадам изјави, бидејќи се судски одлуки. Она што е важно е правдата да е на вистинското место и ние како држава сме секогаш заинтересирани инвеститорите да бидат безбедни,“ рече министерот за финансии, Фатмир Бесими на 4 мај 2022 во изјава за ТВ Алсат.

„360 степени“ се обрати и до Државното правобранителство, но оттаму само кусо одговорија дека тие постапуваат по барање на Министерството за финансии.

Како е можно хипотека која не постоела во 2009 да се појави во имотен лист три години подоцна прашавме и во Катастарот. Оттаму ни одговорија дека до 2008 година т.н. интабулациони книги се воделе во судот, по што преминале во Катастарот.

Додека таа книга се водела во судот хипотеките и другите товари се запишувале на име на сопствениците, а не на самите имотни листови како сега. Па, хипотеката се појавила кога Катастарот почнал да ги внесува податоците од судските книги по имотни листови.

„Интабулациите се пренесуваа во Имотен лист не по барање на странка, туку по службена должност во текот на 2011, 2012 и 2013 година. Во однос на барањата на странките дали има засновано хипотека во имотен лист Потврдите биле издавани по однос на име, а не по однос на недвижност. Тоа значи дека превземената евиденцијата од судот ни дозволувала пребарување само по основ на име за товари-хипотеки, а не и по однос на недвижноста. Додека пренесувањето на товарите од интабулационите книги во имотните листови е врз основа на извршена идентификација по основ на недвижен имот“, се вели во одговорот од Катастарот.

Епилогот е дека имотот што ВЕВЕ ГРУП, односно Алсат, го купиле како чист пред 16 години, со потврда за тоа од државата, сега ќе биде понуден на јавна продажба, бидејќи државата нашла заборавена хипотека. Алсат ќе има можност да наддава и да си го купи имотот, по втор пат, што е апсурд сам по себе. Но, сега и цената е повисока. Не само поради растот на вредноста на недвижностите, туку и поради тоа што просторот е во добра кондиција како резултат на редовното инвестирање на телевизијата во просториите за кои сега државата и вели дека не се нејзини.

 

 

 

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button