Државниот буџет оштетен за скоро два милиона евра, покажала ревизијата во Министерството за економија

Бројни неправилности, нетранспарентност и низа прекршувања на внатрешните прописи, управните и законските процедури констатирала ревизијата во Министерството за економија што ја иницираше актуелниот министер за економија и труд Бесар Дурмиши. Постојат сознанија, соопшти денеска Дурмиши, дека државниот буџет е оштетен за 127 721 000 денари или за приближно два милиона евра како резултат на непреземање мерки од страна на комисиите на Министерството во периодот од 2019 до 2023 година, бројот на застарени предмети е 1 534 и за нив не може да се води натамошна постапка.
-Комисијата за прекршоци и изрекување санкции при Министерството за економија е формирана на 04.10.2022 година, дури 4 години и 4 месеци по приемот на предметите од Државниот пазарен инспекторат при Министерството за економија. Во извештаите до министерот, членовите на Комисијата даваат информации дека нема услови Комисијата да се формира, да функционира и да работи зашто нема доволен број членови (потребни се 5 или 7 члена) додека работеле само три члена. Се поставува прашањето, на што работеле службите во Министерството за економија 4 години и 4 месеци и како што може да се види, како резултат на нефункционалноста на оваа Комисија, дошло до застарување на над 1 500 предмети Jавно ги поканувам надлежните органи да го преиспитаат извештајот од ревизијата. Сите што постапиле спротивно на закон, ќе сносат одговорност, порача Дурмиши.