Државниот обвинител го доби барањето за негово разрешување

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски го доби предлогот за негово разрешување од Советот на Јавни обвинители, соопштија од обвинителството. Откако Коцевски ќе го разгледа предлогот, ќе треба да достави писмено мислење до Советот.
„До јавниот обвинител од страна на советот на јавни обвинители денеска е доставен предлогот за негово разрешување поднесен од страна на владата. Јавниот обвинител ќе го разгледа и писмено ќе се произнесе во законски предвидениот рок“, велат од ОЈО.
И претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриевска во телефонски разговор за Алсат потврди дека предлогот денеска е испратен и дека откако ќе добијат повратен одговор од Коцевски, веднаш ќе биде закажана седница на која ќе се разгледуваат наводите во предлогот.
Токму овој предлогот обвинителите вчера го добија од Владата, што значи дека веќе тече законскиот рок од две недели во кој Советот треба даде мислење за разрешувањето на Коцевски. Независно дали Советот ќе даде позитивно или негативно мислење, за негова смена последниот збор ќе го имаат пратениците. Недоверба на државен јавен обвинител може да му биде изгласана во Собранието со 61 глас „за“.
За разлика од седницата на Советот каде државниот обвинител нема да присуствува кога ќе се дава оценка за предлогот за негова смена, Коцевски во Собранието ќе има право лично да го каже својот став по однос на разрешувањето. Предлогот на Владата за негова смена пак до кој Алсат имаше увид содржи обвинувања дека под палка на Коцевски обвинителството станало неефикасно, но и дека државниот обвинител изнесувал информации за судски постапки, што е спротивно на законот.
Михајло Донев