ДСЗИ бара дисциплинска постапка по смртта на новроденчињата- близначиња и стручен надзор во прилепската болница

Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе издаде решение со наредба за спроведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност кај здравствените работници кои учествувале во лекувањето и исписот на новороденчињата-близначиња кои починаа на 16 јануари, стои во наодот на Инспекторатот кој во понеделникот изврши вонреден инспекциски надзор во прилепската болница, конкретно во Гинеколошко-акушерското и во неонатолошкото одделение во случајот со починатите новороденчиња.
-Инспекторатот ќе издаде и наредба за задолжително известување на надлежен Центар за социјални работи во случај кога интересите на пациентот односно неговиот родител/старател се спротивставени, а за што од страна на ДСЗИ ќе биде спроведена и соодветна прекршочна постапка. Истовремено ДСЗИ врз основа на Законот за санитарна и здравствена инспекција, до министерот за здравство ќе иницира постапка за стручен надзор над стручната работа на здравствената установа согласно Законот за здравствена заштита, стои во известувањето на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Инспекторатот констатирал дека кога на 10 јануари мајката со потпис, на свое барање заминала од болницата со новороденчињата предвреме родени на 30 декември и со мала тежина, болницата не го известила Центарот за социјални работи.