ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ДУИ ги претстави кандидатурите за Гостивар и Чаир! Алијанса и Алтернатива утре одлучуваат за Тетово

Политичките партии се при крај со именување на кандидати за локалните избори. ДУИ во Гостивар ќе се натпреварува со поранешниот прв човек на оваа општина, Невзат Бејта, а во Чаир ќе бара уште еден мандат со актуелниот градоначалник Висар Ганиу. На денешната средба на Централниот одбор што се одржа во Гостивар, партијата на Али Ахмети ги потврди претходно споменатите  имиња за Липково, Сарај, Тетово, Дебар, Струга и други општини, а за Долнени ќе се одлучува во наредните денови. Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи рече дека Одборот ги прифатил имињата предложени од лидерот на партијата.

„Не се повикувам само на моите впечатоци, не се повикувам само на нашите анкети. Ги споредивме анкетите и на другите партии, дури и на нашите опоненти. По сето ова излегува дека ДУИ ќе биде апсолутен победник на овие изборите“, изјави Бујар Османи, портпарол на ДУИ.

Инаку, носител на советничката листа на ДУИ за Скопје ќе биде директорот на „Паркови и зеленило“ Ардијан Муча. Алијанса за Албанците и Алтернатива за утре свикаа состанок на Централното собрание на кој ќе бидат разгледани двете кандидатури за Тетово. Опозициската коалиција најавува дека партиските тела ќе одлучуваат меѓу Вулнет Мурсели и професорката Вјолца Бериша. Во македонскиот политички блок, се уште се разгледуваат имињата на кандидатите. СДСМ ја обвинува ВМРО ДПМНЕ за недостаток на кадар во некои општини. Според социјалдемократите, овој проблем на опозицијата доаѓа од фактот дека никој не сака да се натпреварува за пораз.

„Никој не прифаќа да биде кандидат на партија губитник. Од оваа причина, секој ден во јавноста протекуваат информации за внатрешни конфликти во ВМРО ДПМНЕ и нивната губитничка коалиција“, велат од СДСМ.

До средината на август, партијата на Христијан Мицкоски предложи 26 кандидати за градоначалници и објави дека имињата на сите кандидати ќе бидат познати до крајот на месецот. Рокот за поднесување листи со кандидати за градоначалници и листи за советници завршува на 11 септември, односно 35 дена пред првиот круг од локалните избори закажани за 17 октомври.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button