ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Дујовски: Чествувањето за Гоце Делчев ќе помине мирно

Деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски оценува дека претстојното чествување на денот на раѓањето на Гоце Делчев ќе помине мирно, иако, како што додаде, никогаш со радикални групи не се знае дали можат да настанат штети во односите меѓу државите. Според него, од голема корист за мирно чествување в сабота пред црквата Свети Спас била средбата на министерот Оливер Спасовски, со неговиот бугарски колега Иван Демерџиев.

„Сега гледаме дека атмосферата не е толку вжештена како пред десетина дена и затоа очекувам дека сè ќе помине во најдобар ред и ќе биде мирно. Тоа нема да значи дека нема да има скандирања, не значи дека нема да има симболи коишто не се официјални симболи на двете држави, не значи дека нема да има провокации, бидејќи радикалните групи и поединци секогаш имаат некакви позадински интереси“, рече Дујовски.

Дујовски очекува безбедносниот систем без посериозни пречки да се справи со предизвикот. Одбележувањето, по состанокот на Советот за безбедност, беше оценет како настан со висок ризик, бидејќи присуство најавија бугарски десничари, додека пак т.н. Патриотски институт на ВМРО-ДПМНЕ најави стража. Според Дујовски, оваа ситуација „не е ништо невообичаено во работата на безбедносните служби“.

„Ќе направам една паралела со фудбалските натпревари. Кога имаме големи фудбалски натпревари се носи одлука дали натпреварот е од висок ризик или нема такво нешто и во зависност од проценката се прави план за обезбедување. Во тој случај се следат навивачките групи од местото каде што ќе тргнат до стадионот. За време на натпреварот се обезбедува стадионот внатре, меѓутоа и надвор и се обезбедуваат навивачките групи се до нивното заминување“, додава Дујовски.

На одбележувањето ќе присуствува претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, а најави дека ќе положи цвеќе и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски. Засега нема најава од Софија за присуство на официјална државна делегација во Скопје. Претходно бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски најави дека ќе дојде, но за него, како што рече министерот Спасовски, ќе се одлучи на 4-ти февруари дали ќе му се одобри влез во земјава.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button