ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ДВ: Три брзини за уставните измени

За да не се импровизираат „преговори“, за да се обезбеди консензус и сите да си подадат рака за државните интереси, министерот Османи повикува на постигнување државен договор за наредните 8 години.

Уставни измени сега, да не се брза со уставните измени, граѓаните да се изјаснат за уставни измени на парламентарни избори – ова се трите различни позиции во македонското општество по прашањето за впишувањето на Бугарите во Уставот, кое е услов е одржување на втората меѓувладина конференција, односно отворање на првиот кластер во преговорите со ЕУ, пишува Дојче Веле.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера (31.10) порача дека тој процес не треба да се одложува.

„Моментумот е сега и веднаш. По скринингот треба да се отвори првото поглавје, а помеѓу тоа, требаат уставни измени. Сите што ја знаат проблематиката на ЕУ, знаат дека сега мора да се реагира“, рече Османи.

И додека европски челници повикуваат на консензус за ова прашање, во самата власт нема усогласеност околу најдобриот тајминг за уставни измени. Прашањето да се брза или не, ги става на спротивни позиции шефот на дипломатијата и шефот на државата. Пендаровски во повеќе наврати потенцира дека уставните измени не се политички приоритет број 1, а го посочува и фактот дека во овој момент го нема потребното мнозинство од 80 пратеници кои би кренале рака „за“.

Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека не поддржуваат уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот, доколку не се добијат цврсти гаранции од страна на ЕУ за македонскиот идентитет во кој што е содржан јазикот, и дека билатералните прашања веќе нема да бидат можност за ново вето сѐ додека РСМ не стане членка на ЕУ.

За да не се импровизираат „преговори“, за да се обезбеди консензус и сите да си подадат рака за државните интереси, Османи повикува на постигнување државен договор за наредните 8 години, со оглед дека таргетот за членство во ЕУ е 2030 година. Смета дека за тие одлуки треба да се споделат и одговорноста и заслугите, бидејќи ако одлуките се донесени заеднички – никој таа тема не ќе може да ја злупотребува на избори, со оглед дека има доволно други теми за изборен натпревар.

Извор: Дојче Веле

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button