ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ДЗС сѐ уште без одговор дали ќе побара продолжување на рокот за попис

Еден ден пред завршување на пописот, Државниот завод за статистика сѐ уште нема конкретен одговор дали ќе побара дополнителен рок за завршување на оваа операција. Од оваа институција денес молчат по ова прашање. Ова не беше разговарано ниту на синоќешната владина седница. Министерот за правда, Бојан Маричиќ вели дека верува оти се ќе заврши со време, но дека ќе чекаат на ставот на Заводот.

Од Алијанса за Албанците велат дека изјавата на министерот за правда отвара сомнеж дека Владата се меша во работата на Заводот за статистика. Тие, исто така, итно бараат продолжување на пописот.

„Го покануваме министерот да не дава такви изјави, бидејќи со изјави тој нема да го реши проблемот, туку само ќе ги покрие неговите лични каприци и оние на неговата влада. Од друга страна, повторно апелираме до Парламентот итно да се свика и да донесе одлука за продолжување на пописот“, рекоа од Алијанса за Албанците.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски наведува дека нема да учествуваат на евентуалната седница за продолжување на пописот.

Во меѓувреме, попишувачите се на терен, а оние што завршија работа во нивните региони сега се трансферирани да помогнат во други места. Во меѓувреме, продолжува регистрирањето на отворените пунктови во општините.

Четврти ден по ред, илјадници граѓани се пријавуваат на местата за регистрација што Државниот завод за статистика ги отвори низ општините. Ова се прави со цел да се забрза пописот и се да заврши на време. Сепак, дали ова ќе го даде вистинскиот ефект, сѐ уште не е познато.

„Чекавме доста, и сега доаѓам овде трипати. Бараат ова, тоа, и така натаму. Сега ја земав личната карта на сопругата и дојдов тука“…

„Не дошле, утре е крајниот рок, ме излажаа дека ќе дојдат утре. Но, нема врска. Чекаме 1 недела за да дојдат“, рекоа граѓаните.

„Има многу искрени кои велат дека оставиле писмо, но ние не можевме да им се јавиме и сега доаѓаат тука и се пријавуваат. Има и такви кои велат дека не биле попишувачите во нивните населби, тоа е вистина. Има некои населби кои не беа покриени“, вели Беким Бериша, попишувач.

До вчера беа регистрирани вкупно 1.760.194 граѓани, 546.080 домаќинства и 789.406 станови. Од дијаспората беа регистрирани над 201.000 иселеници.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button