Еди Рама им држел предавање на Ахмети, Таравари, Тачи и Гаши

На синоќешната средба во Тирана, албанскиот премиер Еди Рама одржа предавање пред лидерите на албанските политички партии. Според Али Ахмети, говорот бил за заедничките предизвици на двете земји.
„Имаше, да се каже, предавање од премиерот на Албанија за предизвиците, за заедничките напори што се направени заедно со нашата земја, како и за напорите што мора да се направат заедно сега по завршувањето на скринингот за отворањето на првото поглавје за членство во ЕУ. Напорната работа што е завршена. Предвидувањата беа дека патот ќе биде многу потежок сега, тешкотии нè очекуваат и напред“, рече Ахмети.
Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, рече дека заедно со Рама направиле генерална анализа на состојбите во Албанија, Македонија и регионот.
„Разговаравме и за заедничката иднина на Албанија и Македонија во насока на ЕУ. Видовме дека поминавме низ заеднички предизвици, сега како две НАТО земји посакуваме и се надеваме, заеднички заклучок за да ги започнеме и продолжиме преговорите со Европската унија и во исто време да влеземе во ЕУ, сите албански партии кои бевме тука ја поддржуваме оваа идеја и ние сме на оваа линија“, рече Таравари.
Неучеството на Движењето БЕСА, Ахмети го нарече политичка незрелост. На тоа веднаш реагираше Биљал Касами.
„Шефот на ДУИ од Тирана го коментираше Движењето БЕСА и неговата сила. Да, оваа БЕСА, со оваа сила ве победи двапати по ред во главниот град на Албанците на РСМ – Тетово. Овој пат никој не може да ве спаси од пораз на следните избори, кога и да се одржат“, рече Биљал Касами, Претседател на движењето БЕСА.
Реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата на Мицкоски велат дека средбата во Тирана не може да ги спаси Ковачевски и СДС од пораз на следните избори.
„Целосниот молк од страна на СДСМ за средбата во Тирана е само доказ дека оваа средба е по барање на Ковачевски за спас на неговата кариера. Евидентна е паниката и стравот на СДСМ и ДУИ за опстанокот на нивната Влада, бидејќи вртоглаво ја губат довербата на граѓаните, затоа им беше потребна оваа средба“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Ковачевски пак, искоментира дека премиерот Рама е личност со евроатланска ориентација и пријател на С Македонија.
За средбата премиерот Еди Рама објави само фотографии и напиша „Среќно! Нека биде добра година за Албанците каде и да се.“
Мефаил Исмаили