ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Екологистите реагираат на палењето трска на струшкото крајбрежје

Да престане узурпацијата на струшкото крајбрежје и палењето на трска во струшкиот дел на Охридското езеро, бараат граѓанските активисти. Таков беше примерот вчера, кога беше запалена поголема површина со трска од околу 1 хектар во крајбрежниот дел на потегот од излезот на Струга кон селото Калишта. Велат дека е симптоматично и тоа што никој од оние кои досега биле посочени како сторители, не излегол пред лицето на правдата.

„…Од она што го имаме како досегашно искуство претпоставката е дека сигурно се подготвува терен за уште една класична узурпација на дел од охридското крајбрежје“, рече Никола Кукунеш-граѓански активист.

„На самата запалена трска се одлага градежен отпад, песок и камења, кој подоцна се рамни со багери со тешка механизација и на крајот тоа поминува незабележливо од релевантните институции кои треба да се грижат за таа работа. И гледаме дека ни никнуваат плажи и некои грандиозни објекти“, вели Коста Хиохи-граѓански активист.

Од Државниот инспекторат за животна средина за Алсат рекоа дека планираат да излезат на терен. Во однос на претходните две палења велат дека била доставена една кривична пријава, но против познат сторител за насипување земја и палење трска.

„Веројатно парцелата се подготвува за градба или друга недозволена активност. Најважно е Јавен обвинител во Струга да покрене постапка врз основа на доставената пријава и собраниот доказен материјал“, наведуваат од Државниот инспекторат за животна средина.

Инаку, вчерашното палење се случи на место кое важи за мрестилиште на крапот и е природно живеалиште на многу други видови риба. Прашавме и во општина Струга која е според нивните сознанија причината за ваквото често палење на трски на струшкото крајбрежје, но одговор не добивме.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button