ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Еколози: Да запрат со работа сите хидроцентрали на Шар Планина

Да запрат со работа и постоечките хидроцентрали на Шар Планина – ова е барањето на екологистите откако вчера министерот за животна средина рече дека со прогласување на Шара за национален парк ќе се забрани изградба на нови хидроцентрали, а постојните ќе продолжат со работа. Според Еко – герила, и свлечиштето на Лешница што предизвика пукање на цевка на главниот водовод и го остави Тетово без вода е предизвикано од хидроцентралите на планината. Тие бараат да се најдат законски можности за да се одземат сите концесии за хидроцентрали.

„Владата манипулира со измислување на закони за да ги даде дозволите но како што се знае правно, законите на Владата не можат да бидат над Уставот и меѓународните конвенции потпишани од самата Македониија“, вели Нгадхњим Мехмети, Еко – герила.

Од „Еко-свест“ и Здружението млади правници реагираат зошто во предлог законот за Национален парк го нема заштитниот појас со кој според првичното решение требаше да се заштити средината од негативното влијание од хидроцентралите и да се ограничи евентуалната штета. За нив е несфатливо како во Национален парк ќе се дозволи да има хидроцентрали.

„Доколку еднаш се дозволи постоење на вакви проекти во најстрого заштитените зони, тогаш веќе заштитата на природата го губи своето значење. Сите подрачја што чекаат заштита ќе бидат на уште поголем удар“, вели Ана Чоловиќ Лешоска, Еко-свест.

Министерот за животна средина Нуредини вчера рече дека со инвеститорите кои не почнале да ги градат хидроцентралите, а имаат концесии ќе се преговара да се повлечат од Шар Планина.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button