ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Ексклузивно интервју на Јотова за Алсат

Ексклузивно интервју на Јотова за Алсат

Заменичката на бугарскиот претседател, Јотова најавува поддршка за Македонија на патот кон Европската унија за кој вели дека нема да биде лесен и за кој се потребни многу работа и смелост. Во екслузивно интервју за Алсат, Јотова вели дека Софија очекува забрзување на процесот на уставните измени и почитување на човековите права.

Алсат: Францускиот предлог, македонската евроинтеграција, како и билатералните односи на релација Скопје-Софија со во фокус на денешното интервју на Телевизија АЛСАТ. Во наредните неколку минути на овие теми зборувам со вицепретседателката на Република Бугарија, Илијана Јотова. Вие тука присуствувате, меѓу другото од агендата, на отворање изложба во Генералниот конзулат на Република Бугарија во Битола. Претпоставувам се согласуваме дека културата е таа што ги гради мостовите, но што правиме на политички план? Во рамки на Вашата посета немате средба со македонски политичар. Нема теми за разговор или пак нема иницијатива од двете страни?

-Ќе дозволите да започнам со неколку зборови околу приказната за оваа посета. Вчера ние бевме по повод Задушница – тоа е денот кога ние оддаваме чест на починатите, имаме молитва во нивно сеќавање, но и во сеќавање на сите загинати бугарски војници, во сите битки од долгата бугарска историја… Веќе неколку години Бугарија и Република Северна Македонија оддаваат почит на воените гробишта во село Цапари. 214 бугарски синови останаа засекогаш таму, за да се борат за слободата на своите браќа и својата татковина. Тоа е конкретниот повод за кој јас гостувам во Република Северна Македонија. Истовремено, правилно забележавте, ние отворивме изложба за 125-те години од постоењето на конзулската служба на Бугарија во Битола. Ова е нашиот најстар конзулат, тоа е историја и оваа историја треба да се познава од поколенијата, зашто Битола била голем културен центар за време на бугарската преродба, а и тогаш кога се гради новата Бугарска држава. Ние немавме во нашата програма предвидено да се сретнеме со македонски политичари. Само да потсетам за Вашите гледачи дека пред неколку дена, во посета тука, беше премиерот на Бугарија, г-дин Галаб Донев и заедно со своите македонски колеги ги отпочнаа активностите за еден многу важен проект, за нашите држави и за целиот овој дел на Европа. Станува збор за првите активности за железницата од Коридор 8. Тоа е еден значаен проект, кој го очекуваат нашите граѓани.

Алсат: Ја споменавме културата, но актуелни и во Македонија и во Бугарија се отворањата на културните клубови. Официјално Скопје за провокација ги смета називите на културните клубови во Охрид и Битола, додека пак официјална Софија за провокација го сметаше клубот во Благоевград. Кој провоцира и не ли со овие клубови само дополнително се подгрева говорот на омраза?

-Знаете, јас претпочитам да го коментирам ова прашање само кога станува збор на ниво на институции на двете држави, односно бугарските институции и институциите на Република Северна Македонија. Јас сакам да ги поздравам моите колеги од Република Северна Македонија, што го осудија опожарувањето на културниот клуб во Битола и посегнувањата врз сите останати културни клубови. Јас се надевам дека наскоро виновниците ќе бидат казнети. Што се однесува до клубот во Благоевград, Вашите власти кажаа дека тоа е приватна иницијатива и за нас тоа беше доволно. Само да не се подгрева омразата и нова конфронтација меѓу двата народа и да се почитуваат сите закони и правила. Тоа што некои луѓе се решиле да отворат свој клуб, нека да си ја развиваат својата дејност и ако овој клуб служи за добрите односи меѓу двете држави, тоа може само да нè радува. Но, за жал повторно зачестија случаите на вандализирање споменици тука во Република Северна Македонија. За нас е многу важно, после францускиот предлог кој Вие го споменавте и потпишаниот Протокол, да биде јасно дека Договорот за добрососедство меѓу двете држави веќе не е само Договор меѓу две држави. Тој е дел од европското законодавство и за тоа дали тој се исполнува или не дај Боже, се нарушува, набљудуваме не само ние од Бугарија, туку и нашите колеги од Европската комисија, од европските институции. Така што, процесот на присоединување на Република Северна Македонија, во голем дел, зависи од исполнувањето на Протоколот и на Договорот.

Алсат: Го споменавте Договорот за добрососедство и токму од него произлегува Мешовитата историска комисија. Сведоци сме дека нема голем напредок во резултатите од историчарите. Дали ова може да биде пречка или пак некоја друга причина за евентуално, не знам дали да го наречам блокирање, но барем пречка во преговарачкиот процес на Скопје?

-Ќе потсетам само на одлуката на европските институции – вистинскиот старт на преговарачкиот процес ќе биде даден тогаш кога бугарската заедница, Бугарите, ќе бидат запишани како државотворен народ во Уставот на Република Северна Македонија. Додека не се исполни овој услов, во практика чекор напред не може да има. Затоа ние чекаме од нашите колеги во Република Северна Македонија забрзување на овој процес и се разбира истовремено со тоа и во работата на Историската комисија. Впрочем, моето мислење е дека веќе има добар контакт меѓу двете страни во оваа Комисија и се надеваме дека еден ден сите недоразбирања во однос на историјата ќе бидат надминати. Ние тука на Балканот имаме заедничка иднина и тоа е нашата европска иднина, а сè останато може и треба да биде решено.

Алсат: За првиот преговарачки кластер да го отвориме ќе бидат неопходни уставните измени. Со оглед на актуелната политичка ситуација во Македонија, сметате ли дека постојат изгледи за такво нешто. Каква е Вашата порака кон опозицијата? Оттаму велат дека во вакви околности тие не би дале поддршка за внес на Бугарите во Уставот.

-Тоа се внатрешни политички прашања во Република Северна Македонија, суверена држава и суверени институции кои сами треба да ги решат овие внатрешни проблеми. Јас не можам да давам инструкции ниту на опозицијата, ниту на власта. Како земја-членка на Европската Унија веќе петнаесет години ние изминавме многу тежок пат во нашиот преговарачки процес и сме подготвени да помогнеме на нашите колеги од Република Северна Македонија во секој еден момент кога ќе имаат тешкотии. Кога се исполнуваат условите поставени од Европа, за нас тоа е сериозен чекор во патот на присоединување, но нешто треба да е многу јасно – таму каде што ќе започнат да се нарушуваат човековите права, таму Европа завршува.

Алсат: За време на бугарското европретседателство беше реафирмирана поддршката за евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан. Во меѓувреме се случија многу настани на релација Скопје-Софија, па дојде и францускиот предлог на кој му претходеше ветото. Тогаш Софија нудеше поддршка на администрацијата во Скопје за помош при скринингот и преговорите со Брисел. Дали сега Софија нуди таква поддршка?

– Десет години од мојата биографија се однесуваат на мојата позиција како пратеник во Европарламентот и јас сосема одговорно можам да кажам на телевизија АЛСАТ, на сите наши гледачи, дека долги години Европската Унија го имаше заборавено Западен Балкан. Долги години оваа тема не беше присутна ниту во говорите на претседателите на Европската комисија, ниту пак кај нас во Европскиот парламент стана збор за тоа, освен околу редовните Извештаи за напредокот, но знаете дека тие се доста формални понекогаш. За првпат, после 2003 година од Солунскиот самит, дури во првата половина на 2018 година, кога Бугарија претседаваше со Европската Унија, ние ја поставивме како основна тема иднината на Западен Балкан. Повторно ќе кажам, нашето длабоко уверување е дека сите земји од Западен Балкан еден ден треба да се во европското семејство. Знаете ли колку проблеми тогаш помеѓу нас ќе отпаднат? Нема да има граници, ќе има слободно движење на луѓе кои согласно својата професија ќе можат да бираат каде да работат, конекциите ќе бидат уште потесни и тогаш од внатре, особено следните поколенија, ќе знаат дека кога живеат во мир и разбирање тоа е добро за сите. Така што, Бугарија ја постави и врати темата за Западен Балкан во европската политика, тоа е нашата желба. Истовремено, ние имаме еден услов и условот е дека ако си тргнал кон Европската Унија треба да ги исполниш сите критериуми. Така како што ги исполнувала секоја држава така треба да ги исполни и Република Северна Македонија. Јас им посакувам на моите колеги политичари, од сите политички партии во Република Северна Македонија, од сите институции – многу работа и многу смелост за да се исполнат овие услови, затоа што ние ги поминавме и не е лесно, но заедно можеме да ги надминеме овие тешкотии и еден ден и Вашата држава да биде, зошто не, 28-мата земја-членка на Европската Унија./Alsat.mk

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button