ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Експерти: Цената на струјата, нереална

„Со цената на струјата, власта купува социјален мир“

Цената која ЕСМ ја понуди на тендерот на ЕВН ХОУМ е ниска и не е воопшто реална, туку е политичка и има за цел зачувување на социјалниот мир. Ова за Алсат го вели еден од најискусните експерти во делот на енергетиката, професорот Константин Димитров.

Трошоците за производство на струјата се далеку поголеми од сумата која ја објавија државните електрани по која ќе ја продаваат на Универзалниот снабдувач од 48 евра за мегават час. Но, професорот вели, поради кризната состојба во енергетиката, Владата изгледа ќе издвои сериозна сума на пари за субвенционирање, односно за покривање на разликата во цената. На тој начин ќе ѝ даде финансиска поддршка на државната фирма за да не трупа дополнителни долгови.

„Ако остане вака дадено, без да се знае колку е цената, колку покрива Владата, секогаш може Владата да кажам народски – немерено или неброено да доделува средства кои што се одлеваат „кобајаги“ за производство, а ќе се прават договори во четири очи со различни компании коишто ги сервисираат услугите на Електростопанство на Македонија“,рече Константин Димитров основач на МАЦЕФ (Центарот за енергетска ефикасност на Македонија).

Професорот вели, транспарентно би било надлежните да кажат која е нивната производна цена, а колку ќе субвенционира Владата.

Од ЕСМ за Алсат велат дека производната цена се менува во зависност од цената на енергенсите на светскиот пазар и од уделот на секој производен капацитет во произведената количина.

„На месечно ниво ќе се прават пресметки во однос на производните трошоци и заедно со Регулаторната комисија за енергетика и Владата ќе се утврдува потребната интервенција за покривање на минималните трошоци на ЕСМ, неопходни за стабилно функционирање и за изведување на производниот процес.“, велат од АД ЕСМ.

Следнава недела Регулаторната комисија за енергетика има обврска да ја објави цената на струјата која ќе важи од јули до крајот на годинава.

Во очекување се и новите тарифни модели кои имаат за цел рационално користење на електричната енергија. Домаќинствата кои многу трошат ќе плаќаат по повисоки тарифи. Надлежните уверуваат дека 80 отсто од домаќинствата со воведувањето на новите правила, ќе имаат пониски сметки./Alsat.mk

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button