ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Енергетските експерти најавуваат повисоки цени на струјата

Граѓаните да се подготват за посериозно поскапување на електричната енергија од следната година, предупредуваат експертите. Тоа што досега не се инвестираше во нови капитални производствени капацитети, сега ќе удри по џебот на граѓаните. Затоа, Владата под итно да подготви план за енергетско субвенционирање на граѓаните и стопанството бидејќи во спротивно многу домови зимава ќе останат студени и темни, а голем број фирми затворени.

„Колку за граѓаните да знаат што е тоа лошото, страшното, ако цената на ЕСМ се продава по 35 евра на ЕВН, на берзата цената е од 130 до150 евра за мегават час. Ако вие морате да го купите за 80 евра, тоа што сега чини 30 кажете ми вие колку ќе биде цената. Енергетика не се планира од денес за утре, треба да се планира за нешто што ќе се користи после 10 години“, вели Константин Димитров претседател на Центар за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ).

Бизнис заедницата веќе се мобилизираше. Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески ги повика стопанствениците да учествуваат во интервентниот увоз на јаглен, кој според властите, ќе изнесува два милиони тони, и ќе биде употребен за производство на струја.

„Свесни сме дека ова прашање директно многу Ве засега од аспект на редовно и навремено производство со кое ќе ја одржите својата конкурентност и профитабилност во услови кога имате и раскинување на договори на многу не коректен, не професионален и не еснафски начин“, вели Азески.

Властите најавија итен увоз на јаглен за да се активира уште еден блок во РЕК Битола и да проработи ТЕЦ Осломеј. Ова го потврдија и од ЕСМ, но без да кажат колку имаат намера да набават и колку оваа набавка ќе ја чини државата. Увозот доаѓа во време кога државата плаќа милионски суми за ископ на јаглен во РЕК Битола со рентање на машини и превозни средства.

„За стабилен електро – енергетски систем потребно е да се произведе дополнително количество електрична енергија, и за истото е потребен засилен ископ на јаглен во РЕК Битола, како и набавка на јаглен на меѓународен јавен повик“, рече Васко Ковачевски директот на ЕСМ.

Оваа енергетско – економска криза дополнително ќе ја влоши куповната моќ на граѓаните, особено на оние со пониски месечни приходи. Речиси цела година на Владата и е потребно да ја прошири листата на категории на семејства кои ќе добијат помош од државата за справување со енергетска сиромаштија. Компаниите кои се на слободниот пазар, веќе добија сметки за струја повисоки за 60 отсто.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button