Ескобар очекува продуктивна средба меѓу Косово и Србија утре во Охрид

Специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, изјави дека утре во Охрид очекува продуктивна средба меѓу Косово и Србија. Тој денеска се сретна со косовските лидери во Приштина, а на прес-конференцијата со претседателката Вјоса Османи, нагласи дека пред двете страни има можност за траен мир. Османи пак, наведе дека Косово се стреми кон фер, стабилен и сеопфатен договор кој Косово и Србија ќе ги третира како еднакви држави.
„Имаме намера да го поддржиме секој исход што го приближува мирот во регионот и ги интензивира можностите на Косово и Србија, како и целиот регион, да станат полноправни членки на евроатлантската заедница. Сметаме дека овој европски предлог, олеснет преку дијалогот на ЕУ, дава извонредна можност за траен мир меѓу двете земји“, рече Ескобар.
„Моите очекувања, како претседателка на Косово, се дека договорот ќе донесе конкретни опипливи резултати за Косово. Ќе обезбеди интеграција на Косово во евроатлантските институции, ќе обезбеди сеопфатна интеграција на српската заедница во институциите на републиката, а тоа ќе резултира со итно ефективно распуштање на сите нелегални структури на Србија“,, рече претседателката Османи.