ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ЕУ без коментар за предлогот на ВМРО за одложено важење на уставните измени

Засега нема реакција од Брисел за предлогот на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски кој се однесува на периодот кога да стапат во сила уставните измени. Мицкоски вчера предложи промените на Уставот да бидат изгласани, но преку завршни и преодни одредби, да биде прецизирано дека тие ќе стапат во сила пред самото зачленување во Унијата, односно во моментот кога земјите-членки во своите парламенти ќе го ратификуваат протоколот за присоединување на Македонија. Токму уставните измени се единствениот услов за закажувањето на втората меѓувладина конференција со Брисел. Според владејачките партии, барањето на опозицијата не е во согласност со веќе усвоената преговарачка рамка, но сепак и тие настапија со свој предлог.

„Прифатено е барањето измените на Уставот да важат одложено, односно од денот на одржувањето на Втората меѓувладина конференција“, рече Богданка Кузеска – портпарол на СДСМ.

Инаку, прашањето за стапувањето во сила на уставните измени беше регулирано во заклучоците на Европскиот совет кои се дел од преговарачката рамка, каде пишува дека….

„Советот одлучи да свика уште една меѓувладина конференција со намера да ја претстави Преговарачката рамка и состојбата со подготвителните работи од страна на Комисијата, и (Советот) е подготвен да ја одржи без дополнителни одложувања или политичка одлука веднаш штом Северна Македонија ќе ја спроведе заложбата за завршување на горенаведените уставни измени“, се наведува во Заклучоците од Советот на Европската Унија.

Периодот за комплетирање на промената на Уставот беше дополнително прецизиран и во билатералниот Протокол со Бугарија.

„Владата на Република Северна Македонија се согласува следната Меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство на Република Северна Македонија да се одржи откако во сила ќе влезе измената на Уставот на Република Северна Македонија“, стои во Протоколот од Договорот за добрососедство со Бугарија.

Претходно опозицијата неколкупати инсистираше на промена на преговарачката рамка, но европските челници нагласија дека за текстот не може одново да се преговара. Но, како што велат дел од опозиционерите, исклучоци постојат, како што е примерот со преговарачката рамка на Србија, во која беше додадено посебно поглавје за Косово иако таа веќе беше усвоена, а пристапните преговори започнати.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button