ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Филипче ги намали шансите летово да има свадби и прослави во затворените делови на рестораните

Властите засега не попуштаат и во брзо време нема да бидат дозволени свадби и останати забави и настани во затворените делови на угостителските објекти. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека здравствените експерти се внимателни и сметаат дека ова лето нема простор за толкаво опуштање. Состојбата со вирусот се следи, а Комисијата за заразни болести ќе го има последниот збор.

„Последната комуникација што ја имавме со членовите на Комисијата за заразни болести, тие велат дека тие се за тоа летово настани во затворени простории или масовни собири да не се одржуваат. Еве, ќе имаме состанок во понеделник па ќе дискутираме“, рече Филипче.

Угостителите пак бараат строги критериуми и правила за работа за во затворените делови на објектите. Стравуваат дека второ лето под клуч за нивниот бизнис ќе биде кобно. Категоризирани се само за свадбени прослави и немаат тераси или летни бавчи и сега велат дека се оставени на милост и немилост.

„Свадби ќе има, независно дали ќе има протокол или не. Но поголема контрола ќе има доколку ги правиме по ресторани, бидејќи можеме да им овозможиме дистанца, хигиенски услови, се може да се дезинфицира, пред и по свадба. А во приватни куќи каде што може да се прави свадба контролата е мала или не постои“, изјави Фитим Таири- здружение на хотелиери „ХУРЕКА“.

Според информациите најголемиот дел од категоризираните угостителски објекти во Македонија се затворени и не ги исполнуваат условите и протоколите за работа за организирање свадби. Угостителите пак од западниот дел на земјава велат дека со недозволувањето да работат, голем дел од печалбарите кои имаа намера да прават свадба годинава во земјава, веќе резервирале во соседните земји како Косово и Албанија.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button