ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

„Фајненшал Тајмс“ – Притисок од Словенија во Брисел: ЕУ да се прошири на Западен Балкан до 2030 година!

Европската унија треба да се прошири на целиот Западен Балкан до крајот на деценијата, според предлогот на Словенија, што ги изненади земјите членки пред самитот следната недела, пишува „Фајненшл Тајмс“.

Како што се наведува во весникот, идејата за брзо пристапување на земјите, вклучително и Србија и Босна и Херцеговина, во ЕУ, била изнесена вчера, непосредно пред состанокот на европските лидери на кој треба да се разговара за проширувањето на Унијата.

Според пишувањето на „Фајненшал Тајмс“, предлогот, даден на состанокот на амбасадорите во Брисел, ги изненадил другите земји членки, а некои го опишале како целосно нереален, имајќи ги предвид економските и политичките предизвици во регионот, се наведува во текстот.

Проширувањето е многу чувствително прашање за ЕУ, која е поделена околу брзината со која на земјите треба да им се дозволи да се приклучат на блокот. Но, Унијата е под притисок да ги продолжи пристапните преговори со балканските земји, кои исто така ги зајакнуваат нивните врски со Кина и Русија, се додава во текстот.

Весникот потсетува дека ЕУ додаде 13 земји -членки помеѓу 2004 и 2013 година во брза експанзија. После тоа, Жан -Клод Јункер, поранешниот претседател на комисијата, вети дека нема да прима повеќе до 2019 година – но земјите -кандидати стануваат сѐ повеќе и повеќе нетрпеливи, бидејќи Брисел продолжува да ги „повлекува своите потпетици“.

Лидерите на сите земји -членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан – Албанија, Босна, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Косово  ќе присуствуваат на самитот во среда.

Дипломатите од земјите членки кои сакаат Брисел да ги забрза преговорите со Западен Балкан, главно од истокот и југот на блокот, се залагаат за „амбициозен“ рок за пристапување, но признаваат дека тоа би било „политички експлозивно“, пренесува Financial Times.

„Потребна ни е декларација. Ова е многу важно“ – изјавил дипломат од ЕУ.

Како што анализира весникот, односот на ЕУ кон регионот дополнително се комплицира со фактот што пет земји членки: Кипар, Грција, Романија, Словачка и Шпанија не го признаваат Косово, кое прогласи независност од Србија во 2008 година.

Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, го посети Западен Балкан пред самитот, повторувајќи ја својата поддршка за земјите за приклучување кон унијата, вклучувајќи ја и Србија.

Но, политичарите во регионот се скептични во врска со ова прашање, бидејќи многу земји членки не покажуваат желба за проширување.

Комисијата, која го води процесот за оценување на напредокот за членство во ЕУ, рече дека преговорите со Албанија и Северна Македонија треба да почнат „што е можно поскоро“.

Скопје и Тирана требаше да ги започнат преговори за членство во ЕУ минатата година, но тие и понатаму се блокирани поради недостаток на едногласна поддршка од членките.

П.Б.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button