
Барселона продолжува да има големи шанси за освојување на три значајни трофеи оваа сезона, но тренерот Ханси Флик не сака да дава прерани прогнози. Каталонците синоќа славеа со 3-1 против Бенфика и се пласираа во четвртфиналето на Лигата на шампионите.
Барса е без пораз на последните 17 натпревари во сите натпреварувања, а воедно е лидер во Ла Лига и полуфиналист во Купот на Кралот.
„Прво треба да се фокусираме на четвртфиналето и да се подготвиме за следниот противник во Лигата на Шампионите. Ова е најтешкиот турнир, но уживаме да играме во него. Се надевам дека ќе продолжиме да ги надминуваме пречките чекор по чекор, но патот е долг“, изјави Флик.
Следниот противник на Барселона ќе биде победникот од дуелот меѓу Лил и Борусија Дортмунд, кои одиграа 1-1 во Германија, а реваншот е закажан за вечерва во Франција.
„Задоволен сум од натпреварот против Бенфика. Не ги потценивме и завршивме одлична работа, иако ни создадоа проблеми. Играчите одиграа добро и горд сум на нив. Посебно ми е драго за Ламин Јамал, кој немаше постигнато гол шест натпревари. Сите сме среќни за него, бидејќи е неверојатен талент“, додаде германскиот стратег.