МАКЕДОНИЈА

Фон дер Лејен денеска ги посети Скопје и Тирана

Европската комисија има за цел да започне преговори меѓу ЕУ и Северна Македонија и Албанија пред крајот на годината. Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен престојуваше во Скопје, на првиот ден од нејзината турнеја низ Западен Балкан. Таа го повтори ставот дека двете земји направија се што беа замолени да направат како услов за почеток на преговорите.

„Ве поканувам да не губите надеж. Дојдовме до овде. Сте поминале долг пат. Направивте многу напредок. Навистина ви честитам за ова, но да го продолжиме остатокот од патот. Ова навистина ќе биде наградено. Ја имате целосната поддршка бидејќи имате толку многу пријатели во Европската унија и во Европската комисија. Да работиме напорно за да ја постигнеме нашата цел, меѓувладина конференција пред крајот на годината. Ова е нашата заедничка цел“, рече фон дер Лајен.
Во меѓувреме, премиерот Зоран Заев рече дека од Бугарија доаѓаат позитивни пораки дека го разбираат инсистирањето на Северна Македонија да не се преговара за идентитетски прашања.

Фон Дер Лајен пред да стигне во Скопје престојуваше во Тирана. Албанскиот премиер Рама рече дека неговата земја препораките од Брисел нема да ги чека со нетрпение, туку ќе продолжи со реформите.

“Не се обложувам повеќе на ниту еден датум, за никаков рок и сосема смирен ќе го чекам моментот ако се случи, но и ако не се случи тоа. Се подготвивме неколку пати за свадбата, вие добро знаете, а сватовите не дојдоа. Сега ние нема да се подготвуваме за свадба, ние продолжуваме со дела да ги даваме љубовните изјави, а за тоа кога ќе има свадба, тоа е во раце на сватовите“, рече Рама.

Фон Дер Лајен ќе ја продолжи својата турнеја во регионот. Шефицата на Европската комисија во земјите од Западен Балкан е дојдена одблизу да види како се користат средствата и грантовите од ЕК. Таа во Скопје додели грант од 2,6 милиони евра за успешните достигнувања на програмата „ЕУ за млади“.

Во меѓувреме, утре во Скопје се очекува да пристигне еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи. Неговата посета доаѓа неколку дена пред самитот меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан на 5 октомври во Словенија.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button