МЕТРОПОЛСВЕТ

Фосил од птица со череп налик на Ти-Рекс откриен во Кина – дали е ова алката што недостасува во нивната еволуција?

Се смета дека денешните птици потекнуваат од диносаурусите, што ги прави единствените видови од лозата што се соочила со масовно исчезнување по ударот на астероид пред околу 66 милиони години. Како точно успеале да еволуираат од тероподи сè уште не е јасно, иако постојат индикации дека остатоците од новооткриениот Cratonavis zhui можеби ќе можат да им помогнат на научниците да ја решат оваа палеонтолошка мистерија.

Фосилот на новооткриениот вид е откопан во Кина, а неговата старост сугерира дека се појавил некаде помеѓу најраната позната птица, Археоптерикс и група диносауруси познати како орнитоподи, кои имале многу карактеристики на модерните птици. Дополнително, со помош на компјутерска томографија со висока резолуција, утврдено е дека некои од нивните коски имаат силни сличности со диносаурусите кои не се птичји, како што е черепот кој е сличен на Т-рекс.

Она што е особено интригантно за оваа сличност е тоа што овој тип на череп би го спречил Cratonavis zhui да го движи горниот клун, карактеристика што ја поседуваат модерните птици – и за која се верува дека придонела за нивната биолошка разновидност. Со други зборови, овие податоци сугерираат дека оваа карактеристика се развила доцна во еволутивната историја на птиците, според палеонтологот и водечки автор на студијата Џенг Ли од Институтот за палеонтологија на Кинеската академија на науките.

Друга необичност поврзана со нивните коски, исто така, е забележана во лопатките и првата метатарзална коска пронајдена во стапалата и нема паралела меѓу анатомски модерните птици. Истражувачите тврдат дека токму лопатката игра важна улога во летот, помагајќи им на птиците да ги ротираат рамената и да ги размавтаат крилјата, додека во случајот со C. zhui тоа веројатно „компензирало за целокупниот неразвиен апарат за летање“. Од друга страна, малку пошироките метатарзални коски покажуваат дека оваа праисториска птица можела да трча.

Заклучокот на научниците е дека овие две коски ја истакнуваат големата „пластичност“ на скелетот кај раните птици и сугерираат дека одредени карактеристики на скелетот можеле да еволуирале независно еден од друг – феномен познат како конвергентна еволуција, но дека се потребни повеќе фосили за да се утврди ова тврдење.

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button