ВЕСТИРЕГИОН

Францускиот предлог за решение на спорот, испратен до бугарската влада

Бугарскиот премиер Кирил Петков утре до Собранието ќе го достави францускиот предлог за решение на отворените прашања меѓу Скопје и Софија, што би довело до кревање на ветото за почеток на преговорите за членство, пишуваат бугарските медиуми. Според агенцијата БГНЕС, француското евро-претседателство денеска до земјите-членки на Унијата ќе го испрати предлогот на Париз, а уште утре Петков овој документ ќе го проследи до пратениците.

Како што пишува агенцијата, Петков пред соработниците кажал дека ќе следува дипломатска офанзива врз бугарските политичари од страна на француските, германските и американските дипломати. Во текстот се наведува молкот од страна на бугарскиот претседател Румен Радев се оценува како вознемирувачки.

Што точно содржи предлогот на Макрон за надминување на спорот не е познато. Претседателот Стево Пендаровски кажа дека во Скопје го немаме видено францускиот предлог – тој е интерна работа на Европската унија. Сличен одговор пристигна и од шефот на дипломатијата Бујар Османи.

„Прво, треба да видиме предлог што е усогласен од сите земји-членки. Кога ќе добиеме сигнал од француското евро-претседателство дека има усогласен став од сите земји-членки, тогаш ќе ги кажеме нашите позиции“, рече Османи.
Османи не ја искоментира вчерашната одлука на бугарската Влада, со која секое предлог решение што е во спротивност со Рамковната позиција треба да се гласа во собраниската Комисија за надворешна политика, но во однос на внатрешно-политичката ситуација кај соседите, Османи додаде:

„Не изгледа ветувачко тоа што го гледаме во Република Бугарија, меѓутоа ние ги следиме насоките што француското претседателство ги презема во овој период. Ако француското претседателство процени дека и покрај комплицираната политичка сцена во Република Бугарија треба да се направат наредни чекори, со цел да се постигне некое решение во јуни, ние сме тука, ние сме спремни“, додава Османи.

Фрнацуската амбасадорка во Софија Флоренс Робин рече дека денеска францускиот предлог за решавање на спорот ќе биде испратен до бугарската Влада.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button