ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Фуере за АЛСАТ: „Бугарија се однесува како колонијална сила, а не како членка на ЕУ“

Фуере за АЛСАТ: „Бугарија се однесува како колонијална сила, а не како членка на ЕУ“

Охридскиот договор го издржа предизвикот на времето, но неговиот дух мора да се зачува уште повеќе, оценува поранешниот евроамбасадор во Скопје, Ерван Фуере. Во интервју за Алсат тој вели дека политиките треба да се спроведуваат во интерес на целото општество, а не само на одредена етничка група. Тој во оваа прилика ги спомна вработувањето во администрацијата и интегрираното мултикултурно образование. За договорите на Македонија, Фуере вели дека е изненаден што Скопје и ЕУ не обезбедиле реципроцитет во случајот со Бугарија.

Господине Фуере, добредојдовте на ова интервју. Поминаа 21 година од Охридскиот рамковен договор. Како гледате на овој договор од денешна перспектива?

“Мислам дека е важен потсетник дека Охридскиот договор донесе мир и крај на вооружениот конфликт во Македонија и сепак создаде рамка за стабилност, за демократски институции и децентрализација на власта во време кога земјата веќе сакаше да ја покаже својата европска креденција и желбата да се биде дел од евроинтегративниот процес. Охридскиот рамковен договор исто така даде пример за регионот кој во тоа време сè уште беше под закана од меѓуетнички конфликти и меѓудржавни тензии. 20 години подоцна, би рекол дека договорот дефинитивно го издржа тестот на времето и покрај многуте пречки кои му беа фрлени на патот, особено за време на владата предводена од Груевски, со неговиот високо централизиран пристап кон власта и недостатокот на политички дијалог. Но, во исто време, има уште многу работа да се направи за да се осигураме дека духот на договорот е целосно испочитуван”.

Можете ли да ни кажете во каква позиција е денес Северна Македонија како резултат на Охридскиот договор, што се однесува до меѓуетничките односи?

“Постојат голем број области кои се важни и каде е потребно повеќе работа. Ова е исто така важно во однос на реформите за интеграција во ЕУ. Најпрво би ја споменал јавната администрација. Како што знаеме, правичната етничка застапеност беше важен аспект на Охридскиот рамковен договор, но мислам дека има многу трендови до тој степен што луѓето се вработуваат главно врз основа на нивната етничка припадност, а не врз основа на нивната стручност и компетентност. Ова води кон континуирано политичко влијание во јавната администрација и нездрава средина. Мислам дека ова треба да се реши. Второ, во областа на образованието, треба да се направи повеќе за промовирање на интегриран мултикултурен пристап. Ова е важно за да се помогне и промовира поголема доверба меѓу различните заедници, особено на локално ниво. Мое мислење е дека има уште многу да се направи во однос на зајакнувањето на меѓуетничките односи и промовирање на помирувањето на локално ниво. Можеби демонстрација на чекор напред би било кога граѓаните на избори би ги избирале своите претставници не врз основа на етничката група од која доаѓаат, туку врз основа на она што го предлагаат како решение за многуте предизвици и потреби на општеството генерално. И во оваа насока, мислам дека политичките партии треба да направат повеќе за да промовираат политики кои имаат корист за целото општество во Македонија, а не само за нивната етничка група”.

Сега ги имаме Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија. Како гледате на овие два договора имајќи предвид дека тие предизвикаа поделби во јавното мислење и меѓу политичките партии овде во Северна Македонија?

“Тоа беа тешки „апчиња“ за голтање од македонските граѓани и мислам дека ова ја докажува определбата на граѓаните и државата да ги извршуваат и постигнат главните политички цели. Многу ќе зависи од имплементацијата и како ЕУ ќе пристапи кон ова, фокусирајќи се конкретно на Договорот за добрососедство со Бугарија бидејќи за жал видовме дека што се однесува до имплементацијата, Бугарија се однесуваше повеќе како колонијална сила отколку како членка на ЕУ. Морам да кажам дека сум малку изненаден, на пример, од обврската на владата да направи уставни измени за да го признае постоењето на бугарската заедница во државата. Изненаден сум што нема отпор од владата за да се обезбеди реципроцитет по ова прашање бидејќи сите знаеме дека Бугарија и понатаму одбива да ги признае и спроведе одлуките на Европскиот суд за човекови права во однос на признавањето на македонската заедница во Бугарија. Затоа, ова ќе остане прашање за поделби во македонското општество и тоа е разбирливо. Исто така и прашањето дека сега некои делови од Договорот за добрососедство се дел од преговарачката рамка и мислам дека тоа навистина создава нова невидена ситуација во процесот на проширување. Токму поради недостатокот на реципроцитет за признавање на заедниците во Македонија и Бугарија, мислам дека е срамно што ЕУ дозволи тоа да се случи затоа што која е целта на овој суд доколку не се почитуваат неговите одлуки”.

Господине Фуере, дали Северна Македонија се оценува од ЕУ како што треба за нејзините достигнувања, реформи и меѓусоседски односи?

“Дефинитивно, ЕУ е многу свесна за тоа што е постигнато од земјата и се надеваме дека процесот на проширување ќе биде приоритет на агендата на ЕУ и дека ЕУ ќе ѝ помогне на Македонија да се справи со идните предизвици што ги има напред”./Alsat.mk

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button