ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Гаши ги извести членовите на Судскиот совет за интерпелациите против нив

Гаши ги извести членовите на Судскиот совет за интерпелациите против нив

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, ги известил членовите на Судскиот совет, Весна Дамева, Милазим Мустафа, Павлина Црвенковска, Селим Адеми и Тања Чачарова Илиевска дека против нив е поведена интерпелација во Собранието. Сите пет членови на советот ги избра Собранието. Тројца од нив имаат мандат до крајот на 2025 година, еден до 2026 година и еден до 2027 година.

„Во однос на интерпелациите поднесени до членовите на Судскиот совет избрани од Собранието, ве известуваме дека се испратени до членовите на Судскиот совет на кои се однесува интерпелацијата. Постапката за интерпелација е иста за сите носители на јавни функции”, велат од Собрание.

Според член 46 од Деловникот на Собранието, субјектот против кој е поднесена интерпелација има право да поднесе писмен одговор до претседателот на Собранието, најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на интерпелацијата. Без разлика дали ќе се одговори или не, членот 47 предвидува дека по 15 дена интерпелацијата мора да биде ставена на дневен ред на првата пленарна седница. Според овие рокови, очекувањата се дека седницата на која ќе се расправа за интерпелациите, ќе се одржи на почетокот на март. Бидејќи 67 пратеници ги потпишаа интерпелациите, се очекува да бидат изгласани. Но, тоа не значи дека петте членови ќе бидат разрешени. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека не можат насилно да разрешуваат членови на Советот. Можеби нема да поднесат оставки и по изгласување недоверба, но борбата за промени во правосудниот систем ќе продолжи со притисок на јавноста, рече Мицкоски. Интерпелациите доаѓаат откако Собранието не го одобри годишниот извештај за работа на Судскиот совет. Во поднесените интерпелации се наведува дека членовите не ги исполниле во целост своите обврски, не биле внимателни или го нарушиле имиџот на судиите и ја уништиле довербата на граѓаните во судскиот систем и правно-законодавниот систем во целина. Итноста за преземање мерки против советот дојде особено по несреќата во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова. Осомничениот кој ја прегази со автомобил не беше осуден во разумен рок и со конкретни мерки, поради што јавноста и политичките партии прстот го вперуваат кон судијката Даниела Алексовска Стојановска, која го донесе првостепеното решение. Против неа е поведена постапка за утврдување одговорност./Алсат.мк

Зекирија Хаџиу

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button