ВЕСТИСВЕТ

Генерален штрајк во Германија, нема сообраќај на аеродромите, пристаништата, железницата, автобусите и метро линиите

Железничкиот и транспортниот синдикат „ЕВГ“ и синдикатот на јавниот сектор „Верди“ денеска ќе излезат на предупредувачки мега штрајк во Германија, а превоз ќе нема како во железничкиот и воздушниот, така и во дел од водениот и копнениот транспорт.

Работниците на аеродромите, пристаништата, железницата, автобусите и метро линиите низ поголемиот дел од најголемата европска економија, од ноќеска на полноќ, го послушаа повикот од синдикатите „Верди“ и „ЕВГ“ и учествуваат во 24-часовниот штрајк.

„Верди“ на штрајк ги повика 120 000 вработени, а „ЕВГ“ 230 000 вработени во автобуските компании и железницата.

„Се очекува високо ниво на учество“, изјави шефот на „Верди“, Франк Вернеке.

Возовите нема да сообраќаат речиси воопшто, а од аеродромите ќе работи само Берлинскиот.

Градскиот превоз треба да запре во седум од 16-те провинции.

Според аеродромското здружение „АДВ“, штрајкот ќе погоди стотици илјади патници.

„Околу 380 000 деловни и приватни патници нема да можат да летаат“, соопштија од здружението.

Реткиот заеднички повик за штрајк во Германија означува ескалација на сè полошиот спор околу платите што доаѓа во време на зголемена инфлација. „Верди“ бара зголемување на месечните плати за 10,5 отсто, но минималното покачување да биде 500 евра, додека „ЕВГ“ бара зголемување од 12 отсто за оние што ги претставува.

Работодавачите – главно државните и компаниите од јавниот сектор – досега ги одбиваа барањата, наместо тоа нудеа зголемување од пет отсто со две еднократни исплати од 1 000 и 1 500 евра, оваа и следната година. Но, синдикатите ги одбија овие понуди.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button