СВЕТ

Германија го намалува данокот на природен гас откако цените за една година пораснаа и за четирипати

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека владата привремено го намалува данокот на природен гас од 19 на седум отсто, со цел да го намали финансискиот притисок врз граѓаните поради наглиот пораст на цените на енергентите предизвикан од руската инвазија на Украина, објави Асошиетед прес (АП).

Шолц на вонредна прес-конференција рече дека намалувањето на данокот на додадена вредност (ДДВ) ќе важи до крајот на март 2024 година.

Поскапувањето на гасот е голем товар за многу граѓани, додаде тој, а следните мерки ќе бидат објавени во наредните недели.

Покрај зголемувањето на големопродажните цени на природниот гас поради руската инвазија на Украина, за потрошувачите во Германија беше воведена и премија за поддршка на енергетските компании, наведува АП.

Намалувањето на ДДВ на гасот е повеќе од доволно за да ги компензира трошоците за поддршка на енергетските компании, појасни Шолц, што всушност значи префрлање на обврската на државниот буџет.

Сепак аналитичари на Дојче веле велат дека во секој случај цените на гасот во Германија, без оглед на намалувањето на ДДВ, веројатно драстично ќе пораснат. Киловат-час гас чинеше околу шест центи минатата година, а сега цената е околу 13 центи, но регионално може да биде многу повисока. Енергетската компанија која го снабдува Берлин со гас, на пример, наплаќа околу 25 центи од новите клиенти, се додава во текстот на Дојче веле.

Доцна во средата вечерта Шолц се соочи со гневот на демонстрантите пред градското собрание во градот Нојрупин, на околу 50 километри од Берлин, пишува АП.

Агенцијата додава дека стотици луѓе стоеле зад безбедносната ограда додека поединци извикувале „предавник“ и „оди си“.

Германската новинска агенција ДПА објави дека демонстрациите биле организирани од екстремнодесничарската Алтернатива за Германија и Левицата.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button