ВЕСТИРЕГИОН

Гласањето во Албанија засега без неправилности, но дали ќе дојде до смена на власта?

Албанија денеска гласа на редовни парламентарни избори. Право на глас имаат 3,6 милиони граѓани кои треба да ги изберат новите 140 пратеници во Парламентот. Гласањето се одвива во 5.199 избирачки места, а за прв пат право на глас имаат над 107 илјади граѓани. Во трката има 12 политички субјекти. Истовремено, овој процес е прв изборен процес со електронска идентификација на гласачите. Изборите се одржуваат по тензична изборна кампања проследена со жестоки судири меѓу политичките партии и инциденти како оној во Елбасан каде беше убиен активист на Социјалистичката партија. Политичките лидери при остварување на своето право на глас денеска повикаа на претпазливост и зачувување на демократскиот процес.

Денеска е денот кога никого не треба да го храниме со негативно чувство кон секој којшто со својот глас изразува различно мислење. Да не заборавиме денеска и никогаш дека сме големо семејство во иста татковина – изјави Еди Рама, Премиер.

Лидерот на опозициските демократи, Љуљзим Баша ги повика граѓаните масовно да излезат на гласачките места за да донесат промени, по осумгодишното владеење на Рама.

Ова е денот кога сите имаме моќ во свои раце. Сите Албанци имаат моќ во свои раце. Сите ја имате својата моќ во вашите раце, за децата, семејствата, земјата и нацијата. Денеска е денот да излеземе и да гласаме масовно – рече Љуљзим Баша, претседател на Демократската партија.

И претседателот Илир Мета ги повика граѓаните да гласаат, а до полицијата апелираше да биде будна во одбрана на демократскиот процес.

Ги повикувам сите да гласаат за алтернативата што ја сакаат, слободни, далеку од секаков вид притисок. Имаат одлична можност да му дадат предност на кандидатот кому најмногу му веруваат. Се надевам дека учеството ќе биде историско – изјави Илир Мета, Претседател на Албанија.

Досега изборниот процес се одвива непречено. За време на отворањето на избирачките места беа регистрирани главно технички пречки, а полицијата не пријави нарушувања на редот или прекини во гласањето. Најголем одзив на гласачи е забележан помеѓу 11 и 15 часот главно во големите градови како Тирана, Драч и Валона. Голем интерес привлече еден пар во Каваја, кој пред свадбената церемонија, најпрво отиде на гласачкото место.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button