ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Голем одрон на карпи предизвика штети во струшкото село Радожда

Жителите на струшкото туристичко село Радожда се во шок откако огромен одрон на карпи се урна врз дел од објектите. Штети има, но за среќа нема повредени. Од поголема катастрофа куќите ги спасиле селските плевни во кои се удриле огромните карпи. Жителите денеска сведочат дека над нивните глави сè уште се слуша крцкање на камења, а има и отворени процепи.

„Уште вечерта се слушаше како крцкање на карпите. И утрото околу 7 часот пред да одат децата на училиште се случи оваа работа. Сè уште сме во шок….“, вели Гаврил Пејоски, Жител на Радожда.

„…До вчера воопшто немав гајле, животот си течеше добро. Но, сега секоја минута очекувам дека ќе загинеме, дека ќе нè потопи каменот“, додава Живка Пејоска-жителка на Радожда.

А, половина Радожда се наоѓа токму под сенките на овие големи карпи. Жителите не паметат толку голем одрон.

„…Бараме од надлежните да видат што понатаму, колку е безбедно за живеење. Местото ни е туристичко, немаме намера да се селиме“, вели Михајло Скрчески-жител на Радожда.

„Треба да дојдат геолози овде да се испита, бидејќи не е безбедно за живеење повеќе…“, додава Михајло Солакоски-жител на Радожда.

Експерти кои ги консултиравме велат дека поради направените расцепи во масивната карпа, не треба да се исклучи можноста одроните да продолжат. Поради тоа треба да се анализира дали е најдобро во овој момент дел од населението да се евакуира. Денеска во инспекција дојдоа стручни лица од општина Струга, по чии анализи ќе се утврди што ќе се преземе.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button