ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Граѓаните сепак ќе добијат повисоки сметки за струја ако ДДВ-то во следните неколку денови не падне на 5%

Пратениците во комисијата за финансирање и буџет втор ден дебатираат за предлогот на Владата, ДДВ-то на струјата да се намали од 18 на 5 проценти. Опозициските партии поднесоа пет амандмани преку кои бараат мерката да важи и за домаќинствата и за фирмите.

„…Можеме да видиме дека имаме 60 илјади нови невработени, шест илјади затворени компании, тие мора да добијат посуштинска помош од државата“, рече Бојан Стојановски, Пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

„Зошто е потребно да има олеснување и за бизнисите? Бидејќи секое зголемување на електричната енергија ќе ја зголеми цената на производството…“, рече Илире Даути, Пратеник Алијанса на Албанците.
Но, според власта, овој предлог не беше прифатлив бидејќи правните лица веќе имале бенефиции во однос на струјата која ја користат.

„Другите потрошувачи набавуваат електрична енергија на слободен пазар и таму директно преговараат со продавачите на електричната енергија, сами ја договараат цената, некој повеќе, некој помалку, зависно од потрошувачката којашто ја имаат и уште поважно, сите правни лица имаат право на поврат на данок на додадена вредност“, рече Димитар Ковачевски, Заменик-министер за финансии.

Намаленото ДДВ од 18 на 5 проценти на струјата требаше да почне да важи од први месецов кога стапи во сила покачената цена на струјата од 12,3 проценти. Ако законските измени за данокот не добијат зелено светло во наредните неколку денови во Законодавниот дом, граѓаните следниот месец би можело да платат поскапа струја. Но, најавените 5 проценти ДДВ граѓаните ќе ги плаќаат само до следната година во јули. Тогаш данокот ќе порасне на 10 проценти, а во 2023 година ќе се врати на 18.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button