ЗДРАВСТВОПОСЛЕДНИСВЕТ

Гринпис: Радиоактивната вода од Фукушима ако стигне до океанот може да ја оштети ДНК на луѓето

Водата за која беше најавено дека ќе се испушта од нуклеарната централа Фукушима во океанот, содржи радиоактивен јаглерод што може да ја оштети ДНК на луѓето, предупредува еколошката организација Гринпис.

Официјални лица од Гринпис тврдат дека 1,23 милиони тони вода складирана во нуклеарната централа по катастрофата во 2011 година содржела опасни количини на радиоактивен изотоп јаглерод-14 и други опасни радиоизотопи што може да имаат „сериозни долгорочни последици врз човечката популација и природата“ доколку водата се испуштила во Тихиот океан, пренесува Си-Ен-Ен.

За да го олади јадрото во оштетената нуклеарна централа, електричната компанија во Токио „Тепко“ мораше да користи десетици илјади тони вода во текот на сите овие години. Користената вода потоа се чуваше.

Сепак, девет години по најголемата јапонска нуклеарна катастрофа, просторот за складирање се стеснува и владата размислува што да прави со водата.

Од врвот на државата, дури и од министерството за екологија, имаше навестувања дека единственото решение е да се истури водата во океанот. Овој план е силно во спротивност од заложбите на еколошките друштва и претставниците на рибарите.

Во меѓувреме, јапонската влада го одложи донесувањето на одлуката.

Во изјавата на Гринпис се вели дека водата, покрај тоа што содржи водороден изотоп радиоактивен тритиум, содржи и изотоп јаглерод-14, кој „најмногу придонесува за дозата на колективно зрачење на луѓето и има потенцијал да ја оштети човечката ДНК“.

„Заедно со другите радиоактивни супстанции, јаглерод-14 ќе остане закана илјадници години со можност за предизвикување штета на генетска структура. Тоа е уште една причина зошто таквите планови треба да се напуштат“, рече Шон Барни, автор на извештајот на Гринпис.

Риуносуке Таканори, портпарол на Тепко, за Си-Ен-Ен изјавил дека концентрацијата на јаглерод-14 во филтрираната вода е помеѓу два и 220 бекерели на литар.

„Дури и ако постојано пиевте два литра на ден, годишната изложеност ќе биде на ниво што не влијае на здравјето“, тврди Таканори.

Несреќата во електраната во Фукушима во 2011 година се случи по цунами предизвикано од земјотрес со јачина од 8,9 степени според Рихтеровата скала.

Тоа е најлошата нуклеарна катастрофа што го снајде човештвото од трагедијата во Чернобил во 1986 година.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button