Хамас потврди дека неделава ќе ослободи вкупно шест израелски заложници

Палестинската милитантна организација Хамас потврди дека оваа недела ќе ослободи вкупно шест израелски заложници, јави утринава „Тајмс оф Израел“.
Како што е наведено, три лица ќе бидат ослободени до петок, меѓу кои и жената војник Арбел Јехуд. Останатите тројца заложници ќе бидат ослободени во сабота, соопшти Хамас.
Оваа информација е во согласност со тоа што претходно го објави Израел, дека Арбел Јехуд, војникот Агам Бергер и уште една заложничка ќе бидат ослободени в четврток, заедно со уште три лица кои ќе бидат ослободени в сабота.
Хамас, исто така, објави дека на раселените жители на северот на Газа ќе им биде дозволено од утринава да се враќаат во своите домови.
„Тајмс оф Израел“ потсетува дека израелските одбранбени сили (ИДФ) изјавија дека враќањето ќе започне во 7:00 часот по локално време.
Во меѓувреме, палестинските медиуми објавија дека ИДФ почнала да се повлекува од северниот дел на коридорот „Некарим“, во центарот на Газа.
Како дел од договорот за прекин на огнот, досега се ослободени седум заложници од вкупно 33, во замена за околу 300 палестински затвореници.