ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ХЕЦ Бошков Мост и Луково Поле стануваат историја?

Не се планираат големи хидро-централи кои се наоѓаат во заштитени подрачја како што се Бошков Мост и Луково Поле, тврдат од Министерството за економија за Алсат. Оттаму велат дека водните капацитети треба да се користат за изградба на мали хидроцентрали, ако има економски и технички оправдани причини.

„Фото-напонските и ветерните електроцентрали ќе бидат најбрзорастечки технологии за производство на електрична енергија во сите сценарија…. изградбата на нови мали хидроелектроцентрали треба внимателно да се процени во однос на влијанијата врз животната средина, наспроти придобивките од произведената електрична енергија“, велат од Министерство за економија.

Уделот на струјата произведена од чисти извори на енергија како ветерот, водата и сонцето, во вкупната потрошувачка на енергија кај нас до 2040 година се планира да се искачи дури до 45%. Дотогаш ќе протече многу вода низ турбините, а со тоа сопствениците на електрани, пред сè на мали проточни капацитети, ќе инкасираат висок профит. Уште повеќе ако се знае дека нивната струја државата ја купува по повисоки цени. Некои невладини организации бараат наместо високи тарифи, државата да дава премии за поддршка на производството на чиста струја.

Иако прашавме во Владата дали ќе ја променат актуелната уредба, конкретен одговор се чини не добивме.

„Мерките за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија имаат за цел да обезбедат… постигнување на националните задолжителни цели за учество на обновливите извори на енергија во вкупната потрошувачка на енергија и задоволување на условите за заштита на животната средина и ублажување на климатските промени“, изјавуваат од Влада.

Од проектите за изградба на големи хидроцентрали во моментов активен е планот за Чебрен на Црна Река. Инаку, најмногу струја Македонија произведува од термоцентралите, односно од РЕК Битола со горење на јаглен, кој не е еколошко гориво.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button