ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Хода: ДУИ го злоупотреби статусот на ОНА

Нерешавањето на статусот на поранешните војници на ОВК, веќе 22 години е одговорност на ДУИ, која никогаш немала конкретна иницијатива за решавање на статусот, изјави претседателот на ЗВВ-ОВК, Бесим Хода. Коментирајќи ја изјавата дадена вчерашниот ден на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, дека ДУИ никогаш не побарала да се реши статусот на ОВК, Хода вели дека функционерите на ДУИ давале само изјави „доволно да ја измијат устата“ кога бил изразен личниот или групниот интерес на партиските функционери, но тие 20 години никогаш не ја ризикувале власта да го постават како услов решавањето на статусот на ОВК.

„Она што е најнавредливо од се е што во Уставот на Македонија припадниците на ОВК до ден денес се сметаат за терористи. За жал, велам, некои команданти, некои припадници на војната, но и политичкиот лидер на ОВК до ден денес ужива придобивки во името на таа славна ОВК, секогаш само за лични и групни интереси. Ги слушнавте и последните изјави пред неколку дена дека се занимаваат со возови, се занимаваат со торнада… додека тие торнада се насочени само кога се во прашање нивните лични, групни интереси, но не и кога е заштитата на колективниот интерес на Албанците во Македонија“, вели Хода.

Коментирајќи ја изјавата на Муцунски дека статусот на поранешните војници на ОВК не може да биде еднаков со оној на Бранителите бидејќи тие го бранеа уставниот поредок, Хода нагласува дека тогашната промена на Уставот го докажува спротивното.

„На крајот на војната беше потпишан вистински договор со кој државата ја прифати вината што ја имаше и војната на ОВК беше легализирана, вистината зборува дека „бранителите“ немаа право да го штитат тој уставен поредок бидејќи се промени тој уставен поредок и чекавме да дојде друг уставен поредок“, додава Хода.

Хода додава дека Охридскиот договор ја легализирал војната на ОВК, додека правата на Албанците гарантирани на хартија многу малку се спроведуваат во реалност.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button