ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Хотели не добиле помош поради отпуштени сезонци

Поголемиот дел од хотелиерите во Струга и Охрид без ветената државна помош во минимални плати за вработените во нивните капацитети, како дел од четвртиот сет мерки. Ова доаѓа откако од страна на надлежните им било одговорено дека ако сакаат да добијат помош, тогаш ќе треба да ги вратат повторно на работа сезонските работници кои хотелиерите ги вработиле само за време на туристичката сезона. Од Хотелската асоцијација велат дека бројот на вработени сезонци бил само 10% од вкупниот број на вработени.

„…Сега само заради нив не добиваме исплата за останатите над 100 вработени кои ги чуваме преку цела година. За месец ноември и декември, како што гледаме како би добиле поддршка, треба да ги вратиме сезонците, а ние ги затвораме хотелите. Нема логика“, рече Крсте Блажески-претседател на ХОТАМ.

Хотелиерите бараат сезонските работници да бидат изземени од мерката за минимални плати.

„….Кај нас бројката на сезонски вработени беше 10 од вкупно 150 вработени и тие 10 вработени ни прават проблем за да може да аплицираме и да ја добиеме таа финансиска помош“, изјави Филип Мишевски- менаџер на хотели во Охрид.

Инаку, на хотелите најголеми трошоци им се исплатата на плати и сметките за струја. Повеќе од половина од големите хотели, по завршувањето на летото, веќе ставија клуч на врата и планираат да останат затворени до пролет. Само на Охридско-струшкото крајбрежје во хотелската дејност се вработени повеќе од 3.000 лица.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button