ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

И денеска од Брисел не стигнаа добри вести за Северна Македонија и Албанија

И денеска од Брисел не стигнаа добри вести за Северна Македонија и Албанија

Нема позитивна одлука за Северна Македонија и Албанија во Брисел. Двете земји беа разочарани од Самитот на ЕУ – Западен Балкан бидејќи немаше одлука за почеток на преговори. Веднаш после ова, Скопје потврди дека му врти грб на францускиот предлог. Премиерот Димитар Ковачевски рече дека предлогот каков што е е неприфатлив за државата. Тој го информирал француското претседателство за црвените линии на Скопје кои треба да бидат дел од преговарачката рамка за тоа да биде прифатливо.

Бугарскиот премиер Кирил Петков по самитот изјави дека бугарските барања се веќе барања на ЕУ. Доколку францускиот предлог биде прифатен во бугарскиот парламент, Петков вели дека останува Северна Македонија да ги спроведе за да го следи патот на ЕУ.

„Видовме дека барањата поврзани со француското претседателство е многу тешко да се прифатат од Северна Македонија, но мислам дека стана јасно дека тие повеќе не се само барања на Софија, тие треба да станат и барања на Европа. Успеавме да ги разјасниме причините зошто треба да се прифати тоа што го бараме“, изјави Кирил Петков- премиер на Бугарија.

Албанскиот премиер Еди Рама изрази разочарување од Бугарија и ЕУ.

„Дозволете ми да го изразам моето длабоко жалење за ЕУ. Жал ми е за нив и се надевам дека можеме да направиме нешто за да им помогнеме. Причината не е само Бугарија, да бидеме искрени. Бугарија е срамота но не е единствената. Причината е нечесниот дух на проширување, тотално нечесен, а Бугарија е нејзиниот најочигледен израз“, нагласи Еди Рама- премиер на Албанија.

Високиот претставник за проширување на ЕУ не е задоволен од резултатите на самитот за Западен Балкан.

„Не сме таму каде што треба да бидеме со Западен Балкан. Денеска требаше да започнеме преговори со Албанија и Северна Македонија и не можам да го сокријам моето разочарување. Мое разочарување е и разочарување на многу луѓе. Треба да ги започнеме и има уште надеж. Не знам што може да направи бугарскиот парламент во наредните часови, но работите не одат добро. Ова уште еднаш покажува дека едногласноста во одлучувањето е голем проблем“, изјави Џозеф Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека следните часови и денови се важни. На иста линија е и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел. Тој вели дека продолжуваат напорите за постигнување договор меѓу Скопје и Софија.

Лидерите на Западен Балкан ја поздравија иницијативата на претседателот Макрон за европска политичка заедница, но јасно ставија до знаење дека тоа не треба да биде замена за интеграцијата.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button