ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

И годинава ништо од средувањето на езерото Треска, институциите се вртат во круг

И годинава ништо од средувањето на езерото Треска, институциите се вртат во круг

По многуте ветувања, дури и со усвоен детален урбанистички план езерото Треска уште изгледа вака. На терен нема никакво придвижување, а властите меѓусебно се обвинуваат за застојот на процедурите.

Граѓаните со носталгија се сеќаваат на некогашното езеро. Велат дека моменталната состојба е за жалење. Не веруваат дека наскоро состојбата ќе му се подобри. Ги повикуваат надлежните да работат, а не само да даваат празни ветувања.

„Не е работата – ќе го правиме денес, ќе го правиме утре, само со зборови, треба работа. Пуштено беше во 1975 година, тогаш имав 25 години. Порано спиевме околу Треска, денес не се ни поминува, не е чисто, се фрла ѓубре. Порано пред езерото имаше ливада, сега е депонија”,рече еден граѓанин.

„Добро е да се направи но ете, нема. Го направија да ви се згади. Добро е да се направи, но не се прави“, додаде друг граѓанин.

„Ни треба езерото Треска, порано работеше во нормални услови, цело Скопје доаѓаше секој викенд“, нагласи друг граѓанин.

Градоначалникот на Сарај прстот го вперува кон централната власт, односно Министерството за економија и Агенцијата за туризам. Блерим Беџети вели дека изгредбата не почнува бидејќи имало бесмислени и непотребни доцнења во институциите и во Владата.

„Сега сме во фаза кога реално треба да имаше јавен оглас, јавен повик. Сè уште не сме стигнале до јавниот повик за да се пријават инвеститори. Што треба пред тоа? Си има законски обврски, сите делови што се како законски обврски, комисија заедно со Агенцијата за туризам и Министерството за економија треба да ги испрати до Владата за усвојување, да се даде согласност и да се продолжи понатаму. Има детален урбанистички план, се работи, комисијата имаше 6-7 состаноци, треба да има поголема динамика и апелирам до министерот за економија да ја среди работата. Еднаш месечно Владата го разгледува напредокот колку е постигнат напредок од страна на комисијата и Агенцијата за туризам“, изјави Блерим Беџети, градоначалник на општина Сарај.

Од Владата велат дека во овој момент туристичката развојна зона – Сарај се нуди како можност за инвестиција за потенцијални инвеститори во туристичкиот сектор, а тоа е обврска на Агенцијата за туризам. Но, од агенција повторно нè вратија одговори да бараме во Комисијата за експропријација на градежно земјиште. Велат – таму биле во тек сите активности./Алсат.мк

Ајнур Бафќари

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button