ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

И вработени во здравствените домови во Куманово и Тетово работат без плата

И вработени во здравствените домови во Куманово и Тетово работат без плата

И во здравствените домови во Куманово и Тетово има десетици вработени кои во моментов работат без плата, бидејќи Финансии и Здравство не ги завршиле на време процедурите за изготвување на договори за работа или трајни решенија. Директорот на Здравствениот дом во Куманово, Фарук Алији, вели дека од пред Нова година испратил барања до надлежните министерства, но сè уште не добиле одговор. Како што вели, дел од персоналот за кој се бара продолжување на работните договори се и патронажните сестри кои биле на првата линија за време на пандемијата, а без кои и сега нивната институција не може да функционира.

„Вкупниот број е некаде од 45 до 50, бидејќи одвреме-навреме доаѓаат лекари, заминуваат, сестрите доаѓаат и заминуваат, а бројката е околу 45-50. Сакам да истакнам дека без овој медицински персонал, особено без сестрите, ние како институција имаме проблем да функционираме, бидејќи како што знаете, овие 26 сестри беа ангажирани во првата линија, во брзата помош за време на Ковид, за домашни посети во брзата помош. Тоа беа сестрите кои ги примаа пациентите со Ковид“, рече Фарук Алији, Здравствен дом – Куманово.

Директорот на Здравствениот дом во Тетово пак, вели дека за 16 медицински сестри сè уште нема одговор за продолжување на договорите за работа. Дополнително, во оваа институција постојано недостига стручен кадар поради пензионирањата.

Од Министерството за здравство не ни одговорија дали од Финансии добиле согласност за вработените во здравствените домови во Куманово и Тетово и каква ќе биде нивната судбина. Изминативе денови 140 вработени во Здравствениот дом во Скопје протестираа затоа што повеќе од два месеца работат без плата и без осигурување. Немаа ниту информации дали ќе им бидат продолжени договорите за работа. По реакцијата на вработените, министерствата за финансии и здравство одговорија дека процедурите за овие вработени привршуваат, а за некои се во тек. Но, директорот Бесим Кока нагласи дека сè уште не добиле конечен одговор од овие два ресора./Алсат.мк

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button