ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Иако се очекуваше, ниту денеска нема детали за истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово

И оваа работна недела заврши, а истрагата за пожарот во болницата во Тетово, која премиерот Зоран Заев ја најавуваше за брза, уште не заврши. За пожарот во модуларната болница кога животот го загубија 14 лица, Обвинителството води предистражна постапка.

„Очекувам до крајот на оваа недела да излезат извештаите, а дали ќе биде така или не, веројатно за тоа ќе каже републичкиот обвинител и надлежните обвинители“, велеше премиерот Заев.

Обвинителството не гарантира никакви рокови за истрагата. Тетовското обвинителство уште ги прибира доказите кои треба да покажат како настанал пожарот во болницата.

„Извештаите од наредените вештачења до овој момент не се пристигнати во обвинителството. Во обвинителството беа доставени обдуктивните протоколи на починатите лица. Во тек е сослушувањето на членовите на семејствата на жртвите, по што ќе бидат повикани и сослушани и други лица кои можат да дадат податоци важни за натамошниот тек на постапката“, наведоа од Обвинителството.

А, за надзор врз изградбата на модуларната болница во Тетово во проектната документација на Светска Банка и на Министерството за труд и социјала јасно е наведено дека тоа ќе биде додадено подоцна, но тоа не било направено. Прашавме во труд и социјала зошто е тоа така.

„Ние како Министерство нема да навлегуваме во толкување ниту пак во било какво коментирање на документацијата, односно на било кој дел којшто може да влијае на истрагата на ОЈО и ги очекуваме нивните наоди“, велат од МТСП.

Според проектниот документ, директорот на тетовската болница Флорин Бесими бил одговорен за заштита од пожари, како и одговорно лице во болницата. А, контролирањето на квалитетот и функционалноста на модуларните болници била во надлежност на локалните власти и директорите на болниците.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button