ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Идејата за ковладeење меѓу власта и опозицијата продолжува да се отфрла и критикува од ВМРО ДПМНЕ

По идејата на премиерот Зоран Заев за проширена влада, реакциите и судирите меѓу политичките партии продолжуваат. СДСМ сега, за разлика од вчера, смета дека Мицкоски не е достоен за соработка, по неколкуте порази на изборите. Сепак, понудата останува отворена за, како што велат, „чесните“ луѓе во опозициската партија.

Од ВМРО ДПМНЕ негираат дека има каков било договор, како што велат, со криминалот и корупцијата.

Од опозициската коалиција Алијанса – Алтернатива го повторија ставот дека проширената Влада ќе ја прифатат само под свои услови. Повикот на премиерот Заев го сметаат за блеф.

„Мислам дека ова е еден од блефовите на премиерот кои се секојдневни. Сепак, лидерите на нашите партии, Села и Гаши рекоа дека не влегуваме во широка коалиција без услови. Му кажавме и за нашите три услови кои се јавни и ги кажавме во повеќе медиуми. Инаку, ние не влегуваме во Влада како кукли, во Влада веќе има кукли од ДУИ“, рече Арбен Таравари, АА- Алтернатива.

Премиерот Зоран Заев вчера ја покани опозицијата да седне и да разговара за моделот на ковладеење како во некои земји на ЕУ. Но, тој додаде дека му е тешко да постигне договор со Мицкоски. Мицкоски, со неколкучасовно задоцнување, одговори од Инфективната клиника каде е хоспитализиран поради влошената состојба со коронавирус. Опозицискиот лидер рече дека ќе се бори против болеста и ќе се врати за да го победи СДСМ.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button