ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Идниот месец повисоки сметки за струја, пратениците не го намалија ДДВ-то!

Граѓаните следниот месец ќе платат повисоки јулски сметки за електрична енергија. Тие ќе бидат повисоки за 12,3 проценти согласно одлуката на Регулаторна која почна да важи од први месецов и со ДДВ од 18 проценти. Сè додека пратениците во законодавниот дом не го усвојат намаленото ДДВ- од 18 на 5 проценти, на граѓаните ќе им се пресметуваат сегашните 18 проценти.

„Сè додека Законот не помине во Собранието, не се изгласа и не се објави во Службен весник, важи постојното законско решение, а тоа е ДДВ-то е 18 проценти, затоа постојано апелиравме да има разбирање и во дискусија колку што е можно побрзо да пројде тоа во Собрание…“, рече Фатмир Бесими- Министер за финансии.

Од компанијата ЕВН велат дека без промена на законот, даночењето си останува на старо.

„Компанијата мора да го почитува тоа што е регулирано и пропишано во законите“, наведоа од ЕВН Македонија.

Од Регулаторната комисија одговорноста ја префрлаат кај пратениците.

„РКЕ пред една година по направените долгорочни анализи во енергетскиот сектор апелираше до сите партии да изгласаат намалување на ДДВ за електричната енергија за да се заштитат потрошувачите“, велат од РКЕ.

Измените во Законот за додадена вредност поминаа на комисиска расправа минатата недела. Сега се чека да се стави на дневен ред на пленарна седница, евентуално на 17 или 22 јули. Ветувањето на Владата беше дека ДДВ-то ќе се намали на први јули кога беше покачена цена на струјата за граѓаните да не добијат повисоки сметки.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button