ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Има отсечена нога, прсти, има дијабетес, два бај-паса, оди на дијализа, а нема инвалидскаa пензија

Мики Трајковски

Шеесет и четиригодишниот Кадри Асани од струшкото село Заграчани, вели дека повеќе од една година талка низ институциите во обид да добие инвалидска пензија. Веќе седум години живее живот во инвалидска количка, бидејќи двете нозе му се надвор од функција. Боледува и од дијабетес. Двапати неделно оди на дијализа, а има и два бајпаса на левата и десната нога.

„До овде ми е сечена ногата и не можам без штака да се држам. Морам со две, бидејќи оваа нога не ми работи. Овој прст не ми работи бидејќи е скршен. И останатите прсти откако, ми го пресекоа третиот прст од другата нога, не ми работат ниту овие прсти“, изјави Кадри Асани.

Кадри вели дека неколку пати бил одбиван од комисијата која ги одобрува инвалидските пензии. Оправдувањето од таму, вели, бил во тоа што го немал оригиналниот документ од вградувањето на двата бај-паса. Оттогаш поминале повеќе од 10 години.

„И тие ги имаат сите мои документи. Од 11 јуни 2020 година до денес барам. Четири пати сум бил. Секогаш кога сум носел, ми велат – ова не чини, она не чини“, рече Кадри Асани.

Кадри ни раскажа и дека седум години работел во Швајцарија и уште четири години во Македонија. Го откупил неопходниот работен стаж за да го задоволи законскиот минимум од 12 години за да може да аплицира за инвалидска пензија. Но, од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување велат дека предметот не бил решен зашто се чекало Асани да достави оригинал медицинска документација, заверени со печат и потпис од лекар.

„Без оригинална документација, Комисијата не може да даде позитивно мислење…“, велат од Фонд за пензиско и инвалидско осигурување.

Освен тоа, од Фондот тврдат дека Асани немал доволно стаж за да оствари инвалидска пензија во земјава, за што биле потребни минимум 12 години. Тој според нив истовремено бил заведен како вработен и осигурен и во Македонија и во Швајцарија и имал поклопување на стажот во двете држави./Алсат.мк

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button