
Индиските власти ја започнаа истрагата за падот на патничкиот авион на „Ер Индија“ кој вчера, кратко по полетувањето, се удри во зграда на лекарски дом во близина на аеродромот во градот Ахмедабад.
Надлежните и натаму го пребаруваат местото на несреќата. Таму утринава пристигна и индискиот премиер Нерендра Моди, кој, опишувајќи ја несреќата за срцепарателна, рече дека сè уште не е јасно што ја предизвикало.
„Сите сме погодени од трагедијата во Ахмедабад. Губењето на толку многу животи на толку ненадеен и срцепарателен начин е неописливо. Нашите мисли се со оние кои ги загубија своите најблиски во оваа незамислива трагедија. Ја разбираме нивната болка и знаеме дека празнината ќе се чувствува со години“, порача премиерот на Индија по посетата на местото на авионската несреќа.
Моди се сретна и со единствениот преживеан од авионската несреќа, кој во моментов е во болница. Според лекарите, патникот има повеќекратни повреди по целото тело, но е надвор од животна опасност.