ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Индустријата за организирање на настани бара од владата итни мерки за помош

Со гласна музика и свирење од автомобили организаторите на настани се обидоа да и го привлечат вниманието на Владата. Тие организираа протест пред владината зграда на Илинденска каде поставија огромни звучници и останата техника која е неизбежна за да може да се одржи еден настан. Според податоците од завршните сметки, целата индустрија бележи пад од 62 отсто. Помош велат дека барале цела година, но Владата редовно ги заборавала.

„Ние бараме грантови, уште во јануари пред да го објават петтиот пакет мерки поднесовме точен план како би требало да ни помогнат. Тука се работи за конкретни шифри на дејности, тука се работи за пад на промет од 60 отсто, услов за платени даноци кон државата, услов за докажување дека се компании од „ивент индустријата“, но бараме фер за сите“, рече Маја Бабиќ претседател на Асоцијацијата на ивент индустријата.

Организаторите на настани дополнително се револтирани по информациите кои ги добиле од властите дека за две недели ќе биде објавен тендер за организирање на државни настани и тоа 30 години независност на Македонија и 20 години од потпишувањето на Рамковниот договор. Свесни се дека работа ќе нема за сите, бидејќи ваков тип на компании во земјава има повеќе од 50 во кој работат повеќе од 10 илјади лица.

„Ние како компании ќе треба да аплицираме на тој конкурс и да се молиме да добиеме. Ниту сите компании ќе може да добијат, ниту правично ќе добијат, ниту знаеме кој се има право да учествува и кој ќе ги оценува тие конкурси“, додава Бабиќ.

Протестот траеше од 12 до 15 часот, но доколку нема експересен одговор на нивните барања, од ивент индустријата се заканија дека секојдневно во истиот термин ќе го блокираат булеварот пред владата. На први март годинава оваа индустрија на истата локација одржа протест под мотото „Помен за една година тишина“.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button