ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Институциите не планираат посебна имунизација на попишувачите

Институциите не планираат посебна имунизација на телата што треба да го спроведат пописот во септември. Според Државниот завод за статистика, конкурсот за ангажман на попишувачи и регионални инструктори треба да се повтори во втората половина на јули, бидејќи изборот направен за пописот што требаше да се одржи во април, веќе не важи. Од оваа институција велат дека нема да има време за нивно вакцинирање.

„Во втората половина на јули ќе биде распишан нов конкурс за ангажирање на реонски инструктори и реонски попишувачи. Изборот ќе се врши на почетокот на август, така што невозможно е да се организира вакцинирање на избраните кандидати поради краткото време до отпочнување на Пописот. Втората работа е што вакцинирањето е доброволно и ние само може да препопрачаме и да апелираме сите што сакаат да учествуваат во пописните активности да се вакцинираат“, велат од Завод за статистика.

Од Министерството за здравство велат дека пописот ќе биде безбеден од здравствен аспект преку масовна имунизација, без да споменат специјална имунизација на попишувачите.

„Согласно епидемиолошката ситуација и проценката на ризикот, МЗ ќе ја спорведе стратегијата и планот за имунизација со цел безбедено спроведување на пописот. Во наредниот период се очекува да пристигнат вакцини во поголем број и вакцинацијата ќе продолжи да се спроведува непречено за сите граѓани“, информираат од Министерство за здравство.

Ветената имунизација на попишувачите беше главната причина за одложување на пописот закажана за во април. Според премиерот Зоран Заев, вакцинирањето на попишувачите е приоритет.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, од друга страна, вети целосно вакцинирање на околу еден милион граѓани со околу 2 милиони дози кои доаѓаат во земјата до крајот на мај.

Досега околу 260 илјади граѓани се целосно имунизирани со пристигнатите дози. Стотици илјади нарачани дози на вакцини се одложени и не се знае кога пристигнат. Пописот на терен треба да се одржи од 5 до 30 септември.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button