МАКЕДОНИЈА

Ислам Абази негира дека има врски со челниците на ДУИ

Новоизбраниот шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази денеска пред Советот на обвинители даде заклетва дека функцијата ќе ја врши совесно и непристрасно. Абази првпат зборуваше за фотографиите објавени во друштво на братот на Али Ахмети и поранешниот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта.

„Јас и моите родители сме од Зајас. Зајас е село, како што знаете, и се случува случајно јас и моите родители да бидеме поканети со многу луѓе на иста свадба и прослава. На таа слика бевме поканети на свадба. Таму се запознавме, на таа свадба никогаш не разговаравме за политика“, рече Абази.

За фотографијата пак со поранешниот прв човек на Гостивар, Невзат Бејта, исто така вели дека случајно го сретнал на планина.

„Излегувам на планина за време на викендот, ловот и алпинизмот ми се хоби, запознавам луѓе значи искачувањето на врв е убав момент, се прават и фотографии за да се одбележи тој настан”, додава Абази.

Абази вели дека доколку се случи да треба да ги гони своите роднини, надлежноста ќе му ја додели на друг јавен обвинител. Но, во ова не веруваат граѓаните кои ги анкетираше Алсат М. Тие не очекуваат ефикасна борба против криминалот.

„Не верувам бидејќи сите овие се крадци, сите. Сите се лопови, сите, се колнам, сите“…

„Колку сакаш има, како поплава.., толку е и големата корупција“…

„Да, ќе дојде денот кога Македонија ќе влезе во Европа, тогаш нема да има корупција. Не влегоа во Европа затоа што таму нема корупција, затоа не сакаат да влезат во Европа, бидејќи вака можат повеќе да крадат“…

„Тешко, не верувам во тоа. Корупцијата им влегла во крв, што да правиме“, велат граѓаните.

Инаку, функцијата на Абази му ја врачи суспендираната шефица Вилма Русковска. Тој на оваа функција ќе биде четири години, со право на реизбор.

Ардит Рамадани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button