ВЕСТИЗДРАВСТВО

Истражување: Ран контакт со кожата на мајката спасува илјадници предвреме родени бебиња!

Кога бебето ќе се роди предвреме, непосреден контакт со мајката, кожа-кожа може да му го спаси животот, тврди научна студија.

Наместо бебињата со мала тежина, родени предвреме, да се стават во инкубатор, ново истражување сугерира дека тие треба да бидат сместени близу до градите на нивната мајка, или на близок старател и да се хранат исклучиво со мајчино млеко.

Овој пристап, наречен „грижа на кенгур“, се покажа како еден од најдобрите и најбезбедните начини за лекување на недоносени деца со мала родилна тежина, се тврди во истражувањето.

Во моментов, Светската здравствена организација препорачува таков тип на грижа, но само откако бебињата ќе бидат прогласени за клинички стабилни во единицата за интензивна нега за новороденчиња.

Во новата студијата, спроведена во болници во Гана, Индија, Малави, Нигерија и Танзанија биле следени 3.200 доенчиња со мала тежина. На дел од нив им било овозможена грижа на кенгур, а дел биле одделени од мајката и згрижени на конвенционален начин, со кратки моменти на допир по првите 24 часа.

Било утврдено дека во споредба со конвенционалната неонатална нега, оние новороденчиња кои веднаш биле во допир со кожата на својата мајка, имале 25% помала веројатност за смртност во првиот месец од животот.

Тие, исто така, имале помала предиспозиција да развијат хипотермија и труење на крвта со бактерии, бидејќи имале поголема изложеност на заштитните фактори од мајчиното млеко и биле во контакт со помалку луѓе.

Избегнувањето на стресот од одвојувањето од мајката, исто така, може да придонесе за подобри здравствени резултати. Докажано е дека допирот помеѓу бебето и неговата мајка го стабилизира пулсот на новороденчето, го смирува дишењето и го намалува плачењето.

„Одржувањето на мајката и бебето заедно уште од самото раѓање, без одвојување, ќе направи револуција во начинот на практикување на неонаталната интензивна нега кај бебиња родени прерано или многу мали“, тврди Раџив Бал, раководител на центарот за истражување и развој на здравјето на мајките и новороденчињата при СЗО.

„Оваа студија илустрира дека овој начин има потенцијал да спаси многу животи ако се започне веднаш по раѓањето“, додава тој.

Денес, над 96 проценти од сите доенчиња со мала родилна тежина се регистрираат во земјите во развој и се особено ранливи на заразни болести, доцнења во развојот и смрт.

Конвенционалната неонатална нега е скапа и бара голема вештина и логистичка поддршка, што многу земји со пониски примања не можат да си го дозволат. Грижата на кенгур, од друга страна, е безбедна и ефективна алтернатива и многу полесно спроводлива.

Во прилог на ваквите наоди е и неодамнешната мета-анализа која открива дека грижата кенгур, по клиничката стабилизација, резултира со 40% помала смртност кај новороденчињата.

Сепак, многу предвремено родени бебиња не успеваат да преживеат до таа фаза. Студиите откриваат дека скоро 50 проценти од смртните случаи на предвреме родените деца се случуваат во првите 24 часа по породувањето, а 80 проценти се случуваат во првата недела од животот, што значи дека се губат многу животи пред да се започне со грижата кенгур.

Ако новороденчињата со мала тежина добијат веднаш таков третман, авторите на новата студија проценуваат дека може да се спасат 150.000 новороденчиња со недоволна тежина годишно.

СЗО во моментов е во процес на прегледување на постоечките упатства за примена на оваа метода.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button