ЗДРАВСТВО

Истражување: Телото брзата храна ја третира како опасна инфекција?!

Имунолошкиот систем може да одговори на брзата храна на ист начин како што се однесува против бактериска инфекција, тврди научна студија спроведена врз лабораториски глувци. Тоа го наметнува прашањето дали и колку наша честа употреба на ваков вид храна би можело да се одрази врз нашето здравје.

Истражувањето покажало дека глувците кои се хранеле со производи еквивалентни на „брзата храна“, богати со заситени масти, шеќери и сол, во текот на еден месец, без да им биде давано свежо овошје, зеленчук или целулоза, имале чести воспалителни реакции на ткивата и зголемен број на имунолошки клетки во нивната крв, исто како да биле погодени од инфекција со микроорганизми, пишува Енаука.

Oваа состојба на аларм на имуниот систем може да остане долгорочно, вели меѓународниот тим на истражувачи, што се заснова на веќе докажаното тврдење дека нашиот имунолошки систем може да запомни аспекти од минатите битки.

„По инфекција, одбранбените клетки остануваат алармирани, за да можат побрзо да одговорат на нов евентуален напад“, објаснува Ејк Латц од Универзитетот во Бон.

Со други зборови, штом телото започне да реагира на компонентите од брзата храна, враќањето во режим на здрава исхрана можеби не е доволно за целосно поништување на промените, кои имаат одредени импликации врз целокупното здравје.

„Нездравата исхрана доведе до неочекувано зголемување на бројот на одредени имунолошки клетки во крвта на глувците, особено гранулоцитите и моноцитите“, вели Анет Христ од Универзитетот во Бон во Германија.

Навистина, кога глувците по еден месец се вратиле на својата редовна исхрана со житни култури, воспаленијата исчезнале, но генетското репрограмирање што ги држело глувците почувствителни на иден напад останал во клеточната меморија.

Нормално е таква имннолошка реакција да предизвика некоја инфекција, но овде тоа го направила брзата храна. Тоа значи дека во иднина разни воспаленија и проблеми поврзани со одредени имунолошки реакции, како дијабетес тип II, ќе може полесно да се активираат.

Засега, за ова има докази само кај глувците, но ако истиот вид на реакција се случува и во нашите тела, тогаш тоа е повеќе од доказ за врската помеѓу нездравата исхрана и здравствените проблеми како што се дијабетес тип II, дебелината и проблеми со срцето, велат истражувачите.

Научниците идентификувале и „сензор за брза храна“ во имуните клетки, врз основа на прегледи на 120 глувци. Сигнален систем наречен „инфламасом NLRP3“, кој науката сè уште не утврдила како функционира.

Тоа е уште еден предупредувачки знак дека дури и кога стапката на смртоносни инфекции и вирози опаѓа, ние систмот го оптоваруваме со лоша исхрана и недостаток на физичка активност, велат истражувачите.

„Основите на здравата исхрана треба да станат многу поистакнат дел од образованието отколку што се во моментов“, велат истражувачите и додаваат:

„Децата имаат избор за она што го јадат секој ден. Ние треба да им овозможиме да носат свесни одлуки во врска со нивните навики во исхраната“.

Истражувањето е објавено во Cell.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button