МАКЕДОНИЈА

Истражување: Учениците потврдуваат присуство на булинг и дискриминација во училиштата, но дека тие не се пријавуваат

Речиси две третини од анкетирани ученици во средните училишта во Скопје сметаат дека има врсничко насилство во нивното училиште, а околу една третина биле жртви на некоја форма на врсничко насилство во изминатата година, покажува истражувањето спроведено од Институтот за човекови права. Од декември 2021 до февруари 2022 биле анкетирани 995 ученици и 255 наставници за  темата булинг, говор на омраза и дискриминација. И учениците, и наставниците сметаат дека говорот на омраза е најраспостранет на социјалните мрежи.

Според наодите од истражувањето кои беа презентирани денеска на конференција, мнозинството испитаници сметаат дека само мал дел од булингот се пријавува, а најмногу се случува во основно училиште. Во однос на полот, девојчињата за разлика од момчињата, сметаат дека врсничкото насилство е поприсутно во нивното училиште. Учениците сметаат дека говорот на омраза најчесто го има на социјалните мрежи и во изминатата година oколу една четвртина од нив биле изложени на некоја форма на говор на омраза.

Истражувањето упатува на заклучок дека постои голема тешкотија да се зборува за личното искуство со говор на омраза од перспектива на жртва. Додека голем број ученици сметаат дека омразата е изразена преку говор во училиште е честа појава, само мал дел се спремни да зборуваат, а оттука и да пријават доколку биле жртви на говор на омраза.

Претседателка на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, изјави дека децата на различни начини се повредуваат меѓу себе – физички напади, кои може и да не се силни но да имаат дискриминаторска намера, потоа говорните навреди за изгледот, сексуална ориентација, родовата припадност итн. Наставниците и учениците, рече таа, биле пријатно изненадени и одговарале на нивните прашања, но се неподготвени овие проблеми да ги изнесат во јавност и да пријавуваат дискриминации, булинг и други вознемирувања.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button